Адеми: За Македонија заиграв благодарение на еден човек, можеме да ја минеме групата на ЕП

Аријан Адеми има зад себе уште една фантастична година, во која беше избран за најдобар фудбалер во хрватското првенство, со Динамо се пласираше во нокаут фазата од Лигата на Европа, а со македонската репрезентација обезбеди пласман на ЕВРО 2021. Роден во Шибеник, логично беше Адеми да го облече дресот на хрватската репрезентација, но во периодот кога тој избираше за која национална селекција ќе настапува хрватскиот селектор Нико Ковач јасно стави до знаење дека не смета сериозно на услугите на овој фудбалер.

Одличниот играч за врска во интервју за хрватските медиуми обелодени дека меѓу најзаслужните за неговата одлука да заигра за Македонија е поранешниот репрезентативец Агим Ибраими.

„Додека бев помлад, секоја зима одев во Македонија. Имав силни чувства за тој регион, доле ми се бабата и дедото, роднини, имаме семејна куќа… Голема улога во мојата одлука одигра Агим Ибраими, кој настапуваше за Шкендија, Марибор, Астана… Кој знае, можеби да не беше тој немаше да ја прифатам поканата, но од сегашен аспект сум убеден дека ја донесов вистинската одлука. Во Македонија ме ценат, максимално ме респектираат и навистина уживам секогаш кога ќе одам таму“, вели Адеми.

Капитенот на Динамо Загреб е оптимист и кога станува збор за нашите шанси за пласман во нокаут-фазата на ЕВРО 2021.

„Искрено верувам дека можеме да ја минеме групата, убеден сум во тоа. Ние сме вистинска екипа, селекторот одлично ја има склопено оваа репрезентација и му честитам на тоа. Проблемот со Македонија отсекогаш беше што немаше стандардни првотимци, секогаш низ репрезентацијата минувале многу играчи. Можеби играше добро, но изостануваа резултатите. Сега ситуацијата е обратна, победуваме и кога не играме најдобро, затоа сум убеден дека можеме да оствариме уште поголем успех на европскиот шампионат“, истакнува Аријан Адеми.

 

Се вчитува...