Академија Пандев поднесе жалба за „младинецот“ на Шкендија, утре ќе следи одлуката

Фудбалскиот прволигаш Академија Пандев и официјално поднесе жалба до ФФМ за натпреварот против Шкендија кој го загуби со 1-0, а одлуката при ФФМ ќе биде донесена утре. Се изроди „случај Фазлагиќ“, односно Шкендија во одреден дел од првото полувреме, поради исклучувањето на Енис Фазлагиќ, на теренот беше без присуство на најмалку еден фудбалер под 21 година, правило кое во македонскиот елитен фудбал е воведено за развивање на младите македонски фудбалери.

Фазлагиќ во 21.минута заработи црвен картон и беше исклучен, а тимот на Шкендија се до 37.минута играше без младинец, кога во игра влезе Шефит Шефити. Постојат различни толкувања на членот 20 од Правилникот за натпревари (право на настап) во Првата лига, кој гласи: „Сите клубови учесници во Првата лига мораат да го започнат и завршат со еден домашен фудбалер кој нема навршено 21 година“.

Доколку се анализира овој член, тогаш Шкендија се чини дека е во право, затоа што Енис Фазлагиќ го започна, а Шефит Шефити го заврши првото полувреме на мечот против Академија Пандев, па лидерот го има испочитувано правилото. Но, доколку треба еден фудбалер до 21 година постојано да биде на теренот во првото полувреме, тогаш членот 20 од Правилникот за натпревари ќе мора да се доформулира, и да се потенцира таквиот настап на младиот фудбалер.

„Утре, со почеток во 11 часот, ќе се состане Комисијата и ќе решава по овој случај. Дотогаш, не би можел да кажам ништо конкретно“, вели за ЕКИПА, комесарот за натпревари при ФФМ, Васко Дојчиновски.

Се вчитува...