Алкалоид се врати со победа, следува трилер финиш

Шахистите на Алкалоид покажаа карактер и по поразот во четвртото коло со победа над селекцијата на Полска изразена со 2,5:1,5 се вратија во игра за медал на светското екипно првенство за сениори (категорија над 50 години), што се игра во Струга. „Фармацевтите“ беа благи фаворити во овој меч бидејќи се четврти носители на турнирот, додека селекцијата на Полска е седморангирана.

Човек на одлуката беше велемајсторот Звонко Станојоски, кој што на третата табла го надигра Павел Фис во Отворање на четири коњи – шпанска варијанта, каде што со прецизна игра во средишницата најпрвин освои два пешака, а потоа креираше и напад врз црниот крал, по што противничката позиција едноставно се распадна.

Изгледна шанса за цел поен имаше и велемајсторот Кирил Георгиев на првата табла, но овој меч заврши нерешено. Во Англиско отворање, каде што Георгиев ги имаше белите фигури, се дојде до топовска завршница, но бидејќи оваа партија заврши последна, немаше потреба од ризик и по 48 потега, истата заврши со реми.

На втората и четвртата табла В.М. Трајко Недев и В.М. Роландо Кутиров исто така ремизираа во партии кои беа изедначени во целиот тек.

„Кога играм индивидуално е мошне поразлично: во некои нејасни позиции знам да ја заострам ситуацијата, но кога се игра за тимот преферирам да играм посигурно, бидејќи е многу поважно да не се загуби една партија, а победата може да биде одлучена и на друга табла. Расположен сум за натамошно надигрување, добро сме мотивирани сите и сакам да направиме резултат. Последнава година имам освоено четири пехари, од кои што едниот е на поединечното, а другиот на екипното државно првенство. Би бил среќен ако ја завршам годината со освојување на петти трофеј, заедно со колегите на овој турнир. Се издвојуваат пет шест екипи,но Американците се благи фаворити. Конечниот изглед на табелата ќе биде одучен низ директните дуели“, вели ВМ Звонко Станојоски.

„Секоја победа на ваков турнир е добредојдена, без оглед на резултатот, најбитно е да се продолжи со добивањето мечеви. До крајот има уште четири кола и извесно е дека ќе играме најмалку со уште две екипи кои исто така се меѓу најсилните и ќе играат за медал. Во моментов се е отворено и ништо не се знае, јас сум задоволен што покажавме карактер и се вративме со победа. Играчите се на ниво и никој не игра лошо и тоа е добар знак. Засега играме сигурно, но колку партии ќе добиеме ние, а колку партии ќе добијат останатите ќе се види откако ќе се изиграат сите 9 кола“, – изјави капитенот ВМ Драган Јаќимовиќ.

Во шестото коло Алкалоид ќе игра против второрангираната репрезентација на турнирот, првата селекција на Англија, која вчера минимално загуби од САД со 2,5:1,5 и во моментот се наоѓа на делба на четвртото место заедно со нашите шахисти.

На турнирот за играчи над 50 години вчерашниот меч меѓу селекцијата на слепи и слабовидни шахисти на Македонија и селекцијата на македонските шахистки заврши нерешено 2:2, со реми на сите четири табли, додека селекцијата на ветерани во категоријата над 65 години беше поразена од Велс со 3:1.

Се вчитува...