Ангели со победа во Гевгелија ја завршија прволигашката епизода

Ангели со победа од 80-84 на гостувањето кај Кожув ја завршија дебитантската сезона во Првата кошаркарска лига. Тимот од Кисела Вода не успеа да де избори за место меѓу најдобрите тимови во мак-баскетот и следната сезона ќе мора повторно да го изоди второлигашкиот пат.

Гостите беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, во втората четвртина со одличната игра во нападот стигнаа и до предност од 34-40 на полуврмето, а истата ја зголемија на 55-67 по 30. минути игра. Сепак домаќините не се предадоја, одиграа одлично на двата дела од теренот во последните десет минути и успеаја да стигнат на негатива од само еден разлика (80-81). Гевгеличани имаа и шанса да поведат, но откако Главчев ја изгуби топката, следеше неспортска лична грешка на Колев, а тоа знаеше да го искористи Крстевски чија мирна рака од линијата за слободни фрлања го постави конечниот резултат.

Илија Колев беше првото име на мечот со 35 поени и 6 скока, додека него го следеше Деј со 20 поени. 13 поени и 14 скока додаде Штерјов. Кај Ангели се истакна Андреја Атанасов со 21 поен и 3 украдени топки, 20 поени и 6 скока додаде Милков, додека со по 11 поени мечот го завршија Крстевски и Раме со тоа што Американецот додаде и 9 скока.

Се вчитува...