Барди: Најважно против Лихтенштајн ќе биде брзо да го отвориме резултатот

Еден од најдобрите македонски фудбалери, Енис Барди вели дека Македонија не смее да размислува на ништо друго освен на победа на утрешниот дуел против Лихтенштајн во Скопје во квалификациите за СП 2022.

Според Барди ќе биде исклучително важно брзо да се отвори резултатот на натпреварот.

„Јасно е дека сме многу поквалитетни од Лихтенштајн. По пласманот на ЕП сега сите со поинакви очи гледаат на нас. Атмосферата е одлична и таа треба да не понесе кон првата победа во квалификациите. Јасно е дека е тешко да се игра против тимови кои се бранат со сите 11 фудбалери. Затоа ќе биде многу важно е брзо да го отвориме резултатот. Но ако одиграме онака како што знаеме и умееме нема да има никаков проблем да дојдеме до победата“ – вели фудбалерот на шпански Леванте.

Македонската селекција повторно ќе биде без Дарко Велковски во одбраната. Се очекуваат промени во стартниот состав, посебно во нападот кој потфрли на претходниот дуел во Букурешт.

Натпреварот меѓу Македонија и Лихтенштајн во 2. коло од квалификациите за СП 2022 се игра утре од 20:45 часот на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Се вчитува...