Борко Ристовски: Не ми се допаѓа што не се дава се од себе, овој Вардар не е многу послаб од ланскиот

На Борко Ристовски не му беше потребно многу време да се наметне како еден од лидерите на Вардар, на дебито ја фати клучната топка за минимален триумф над Нексе во Нашице, а потоа блесна и во полуфиналето од СЕХА-лигата против Загреб, носејќи ја победата и пласманот во големото финале. Во разговор за ЕКИПА искусниот голман говори за враќањето назад во „црвено-црното семејство“, очекувањата од актуелниот европски првак, но и реалните можности на овој тим на Вардар.

Имав и други опции кога си заминував од Бенфика, но Вардар беше вистинскиот избор бидејќи се враќам во својата држава, во својата Македонија, во клубот што е актуелен првак на Европа. По десетина години надвор дојде период за враќање дома, а еден од мотивите покрај настапите за европскиот шампион беше и желбата да се посветам и на семејниот живот за детето да ми расте во нормална средина, наместо да ги менуваме градинките и училиштата на секои две години. Стојам зад својата одлука и верувам дека го донесов вистинскиот избор, се надевам дека ќе имаме барем приближни резултати на оние шампионски генерации на Вардар, за да ја израдуваме повторно македонската јавност“, истакнува Ристовски.

Според него, сосема нормално е да биде потребно време за адаптација кога ќе пристигнат толку многу нови играчи во еден преоден рок.

 

По моментот на моето враќање одигравме само еден меч пред да настапи паузата поради коронавирусот. Следеше пауза во која се променија многу работи, сметам дека разликата во квалитет на тој Вардар при моето доаѓање со овој моментниот не е преголема, со тоа што имаме многу нови играчи за кои е нормално да биде неопходно време за адаптација. Почнуваме од нула и почнуваме со една сосема нова екипа што допрва треба да се докажува и да се обиде да ги повтори резултатите на европскиот шампион Вардар“, вели Борко.

Ристовски се осврна и на тешката ситуација во која клубот се најде поради огромните долгови што ги остави стариот сопственик Сергеј Самсоненко.

„Реално клубот беше оставен на едно ниво под било која нормала од стариот сопственик, закопан во огромни долгови и беше потребно многу време и трпение за сите тие работи да се средат. До ден денеска стариот сопственик има огромни долгови кон играчите и дали ќе се реши и кога ќе се реши тој проблем никој не знае, но во секој случај остави силна трага на оној Вардар што го начекавме ние. Тоа е една работа за која што сите треба да се свесни, тоа не е намалување на очекувања туку реалност – по сите оние огромни проблеми натрупани со години наназад од тој Вардар, мислам дека составивме еден респектабилен тим. Овој тим е темел за она што ќе следи нешто подоцна, очекувам по декември да биде надграден дополнително и да бидеме уште посилни во сезоните што следат. Една работа треба да е јасна, без оглед на сите проблеми ние не ги спуштаме очекувањата, на секој натпревар ќе одиме на победа. Да не заборавиме, во двете години во кои стана европски шампион никој не веруваше дека такво нешто може да се случи, но Вардар се искачи на врвот. Тоа ни е мотив и инспирација и за поблиска, но и во подалечна иднина“.

Воедно, тој обелодени и дека пред неколку години го одбил Самсоненко при неговата понуда да го врати назад во „црвено-црното семејство“. Со доаѓањето на Михајловски се зголеми и бројот на македонски репрезентативци во клубот, тренд што според Ристовски треба да продолжи.

„Јас имав понуда од Вардар уште додека Сергеј Самсоненко беше на чело на клубот, но ја одбив од лични причини бидејќи сакав да градам кариера во Европа. Мислам дека не згрешив, исто како што не згрешив што токму сега се вратив назад во клубот. Верувам дека Македонија има квалитетни поединци, но кај нас ситуацијата е специфична бидејќи само во нашата земја притисокот врз домашните играчи е двојно поголем од оној врз странците. Јавноста очекува многу повеќе од Македонците во однос на странците, а слободно можам да кажам дека во сите земји ширум Европа каде сум играл е спротивно, како странец мораш да прикажеш многу повеќе за да се наметнеш во однос на некој домашен играч. Имаме квалитет, и млади македонски репрезентативци кои мораат да го докажат својот квалитет за место во тимот. Ќе повторам, клубот беше на едно руинирано ниво пред доаѓањето на претседателот Михајловски и верувам дека од година во година ќе имаме и повеќе Македонци со поголем квалитет и оние кои се тука ќе влезат во тој колосек на прифаќање на реалноста. Исто така, на тренерот Алушовски треба да му се даде безрезервна поддршка бидејќи сите сме тука за една работа – да победуваме со Вардар и треба сплотено да се стремиме кон остварување на таа цел. Би било прекрасно кога би се докажало дека и македонски тренер може да остварува врвни резултати со Вардар“ .

Во текот на подготовките „црвено-црните“ претрпеа два порази од засилениот состав на Пелистер, но Ристовски е убеден дека Вардар ќе одговори на предизвикот кога ќе почне битката за трофејот на домашанта сцена.

„Оние два порази од Пелистер не се реална слика за квалитетите на двата тима. Битолчани направија солиден тим, не сакам да звучам арогантно, но реалноста е многу поинаква од оние натпревари, во кои тие влегоа многу посвежи од нас. Она што ме загрижува е неборбеноста, тоа е наш проблем во овие два месеци. Иако Пелистер и Металург се засилија и ќе сакаат да го нападнат тронот, јас сум убеден дека квалитетот е на наша страна и кога ќе дојде време за тие пресметки Вардар ќе ја одбрани титулата во македонското првенство. Покрај Пелистер и Металург, кои ќе ни бидат ривали, би сакал да издвојам дека имаме и клубови како Пролет, кој работи на вистински начин со македонските ракометари, овозможувајќи им правилен развој. Таквото функционирање и инсистирањето на домашни играчи во клубовите е нешто од што македонскиот ракомет може да има само корист“, ги коментира Ристовски случувањата на македонската ракометна сцена.

Тој се осврна и на штотуку завршениот фајналфор турнир од СЕХА-лигата каде Вардар го освои второто место по победата на пенали над Загреб и поразот во финалето од Веспрем.

„Ние сме екипа во создавање и наша примарна цел беше влез во тоа финале. Мечот против Загреб, тие беа ослабени, а ние „реновирани“, тежок меч за играње што на крајот се претвори во еден многу добар меч што ете на крајот го добивме ние. Што се однесува до финалето, Веспрем е многу поквалитетен тим од нас во моментов и го покажа тоа на теренот во Задар. Пак ќе повторам, мене ме загрижува тоа што не се бориме доволно, што не го даваме максимумот на терен, тоа е нешто на што мораме да работиме. Јасно е дека Веспрем е подобар тим од нас, има поголем ростер, подобри играчи, но тоа не значи дека не треба да се борите, не треба да покажете заби. Јас верувам во овој Вардар, уште еднаш повторувам дека овој играчки состав не е многу послаб од оној при моето доаѓање на почетокот од годинава. Верувам дека од натпревар во натпревар ќе бидеме се подобри, почнувајќи веќе од дуелот со Мешков Брест на почетокот од новата сезона во Лигата на Шампионите“, оптимистички гледа кон иднината на „црвено-црните“ долгогодишниот македонски репрезентативец.

Се вчитува...