Божиновски контролор во Австрија, Дојчиновски делегат во Рим

Претставниците на Фудбалската федерација на Македонија во комисиите на УЕФА во наредните седум дена ќе бидат ангажирани на натпреварите во Европските купови. Нашиот поранешен најдобар судија, сега доста почитуван контролор Емил Божиновски, на 6. октомври во Грац ќе го контролира судењето во Лига на Европа меѓу австрискиот клуб Штурм и Лацио од Рим. Во последно време тој има специјални задолженија од судиската комисија на УЕФА да го следи судењето на перспективните европски судии, кандидати за пласман во повисок ранг.

Васко Дојчиновски, кој е на делегатската листа на УЕФА ќе патува за Италија и ќе биде делегат во Рим на мечот од Лига на Европа меѓу Рома и шпанскиот клуб Бетис. И оваа средба е закажана за 6. октомври.

Комесарот за безбедност и интегритет во ФФМ Роберт Марковиќ е задолжен од страна на УЕФА на 6. октомври да се грижи за безбедноста на натпреварот, исто така во Лига на Европа, меѓу францускиот клуб Рен и Динамо од Киев.

Менаџерот за фудбал во ФФМ Жаре Игњатовски, повторно ќе патува за Кишињев во Молдавија, каде сега ќе биде организациски директор на средбата меѓу Шериф и Омонија од Кипар во Лига на Европа. И овој меч се игра на 6. октомври.

Нашата најдобра судијка Ива Пројковска, на 5. октомври во Португалија ќе биде четврти судија на квалификациониот натпревар за Светското првенство меѓу Португалија и Белгија. Мечот ќе го суди Украинката Катерина Монзул, која многумина ја сметаат за најдобар европски женски судија. Откако почнаа военита дејствија во Украина, таа се пресели во Италија, каде се подготвуваше за судење на Европското првенство во Англија, судејќи на натпреварите во супер женската лига на оваа држава.

Списокот ќе го завршиме со вториот контролор од Македонија кој од неодамна е на списокот на УЕФА, претседателот на Судиската комисија на ФФМ Димитар Мечкаровски. Тој ќе го контролира судењето на реванш мечот на младите екипи од првото коло во Лига на европските шампиони меѓу прилепска Победа и екипата Колерејн од Северна Ирска кој се игра во Прилеп на 5 октомври. Во првата средба Победа загуби со 3:2. /М/М/

Се вчитува...