Македонската кошарка на клупски план во претстојната сезона ќе достигне само до АБА 2 и до БИБЛ. Првакот Работнички реши да не го искористи правото да биде дел од натпреварувањата на ФИБА. Зошто нашите најквалитетни клубови сметаат дека не треба или не можат да бидат дел од позначајни европски купови? Каква е перспективата на македонската кошарка ако се натпреваруваме сами со себе или само во ограничен регионален простор? Какви се долгорочно последиците од ваквите решенија? Предводниците на клубовите се согласуваат дека е добро да се борат на меѓународна сцена и во оваa позиција се согласуваат и со Кошаркарската федерација.
Актуелниот македонски првак Работнички оваа сезона нема да има меѓународни настапи. Донесена беше одлука да не се учествува ниту во АБА 2 лигата.
„Мислам дека македонскиот шампион треба да има право на настап во АБА лигата. Не е важно која екипа ќе биде тоа. Но, регионалното натпреварување сметаше поинаку, ни ја понуди АБА 2 лигата и мислам дека тоа е своевидно потценување. Од друга страна за учество во натпреварувањата на ФИБА треба големи финансии, силен состав и поинаков концепт, а како можност добиваме само учество во квалификациите“ – објаснува тренерот на првакот, Марин Докузовски.
Вицешампионот, МЗТ Скопје Аеродром откако имаше исклучително лоша сезона во АБА лигата, ја загуби позицијата во најсилната конкуренција на регионалното натпреварување од кое беше дел повеќе сезони и сега прифати да биде дел од АБА 2.
„Можеби станува збор за лига што е втора по ранкинг, но квалитативно е на високо ниво. Борац Чачак лани два пати ја победуваше Црвена звезда, Приморска има милионски буџет, Зрински стана шампион на БиХ откако со максимални 3-0 во финалето ја декласираше Игокеа… Можеби имињата не се популарни, но тоа се квалитетни тимови кои играат добра кошарка и нема да биде нималку лесно на овие натпревари и мислам дека учеството во АБА2 е важно за нас и за нашите кошаркари“ – вели тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов.
Генералниот став на Кочов е дека треба да се користат можностите за учество во европските натпреварувања.
„Европските и регионалните натпреварувања се нешто што може да донесе само плус за македонската кошарка и сите клубови треба да настојуваат да бидат дел од нив кога ќе им се укаже. Тоа е идеална можност за сите да видат до каде се со својот развој, тренерите во својата работа, играчите во однос на играчите во поквалитетните странски екипи, но и клубовите до каде се стигнати на организациски план. Можеби федерацијата треба да им наложи на шампионот и вицешампионот дека во наредната сезона би имале обврска да си ја претставуваат државата во европските натпреварувања, бидејќи тоа само по себе носи позитивни работи за македонската кошарка гледано севкупно, без оглед на конкретните резултати во даден момент“ – истакнува Кочов.
Кошаркарската федерација на Македонија нема можност да влијае на одлуките на клубовите околу меѓународните настапи.
„Ставот на Кошаркарската федерација е дека клубовите би требало да имаат што повеќе интернационални настапи, особено да бидат дел од куповите на ФИБА. Тоа е добро за кошарката воопшто, но и за нашите играчи кои трба да се мерат на меѓународно ниво за да видат до каде им е квалитетот. Од секој аспект е подобро да се учествува во натпреварувањата на ФИБА. Вистина е дека треба да се минуваат квалификации, но ако не се успее, останува учество во друго натпреварување. Секако е штета што нашите екипи решија да не изглегуваат на меѓународна сцена“ – вели генералната секретарка на МКФ, Моника Гавриловска.
И во новата сезона најголемата битка ќе се води за домашните трофеи, а изледзот на македонските клубови на меѓународен план ќе биде ограничен на настапот во АБА 2 и во БИБЛ.
Катерина Павлова Николовска, Стеван Цаневски
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА