Де Ла Фуенте: Никој не сака да игра против Италија на ЕП

Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте не криеше дека е незадоволен откако „црвената фурија“ се најде во најсилната група на ЕП 2024, за ривали добивајќи го европскиот првак Италија, потоа светскиот вицешампион Хрватска како и селекцијата на Албанија.

Кормиларот на „црвената фурија“ особено ја потенцираше Италија како незгоден ривал, поради фактот дека „аѕурите“ традиционално играат квалитетно на големите натпреварувања.

„Групата е тешка. Знам дека Хрватска и Италија нема да бидат среќни што ќе мора да играат со нас. Не е никаква тајна, никој не сака да игра против Италија на ЕП, тоа е репрезентација што знае да игра на резултат на турнирските натпреварувања, затоа ќе мораме да бидеме многу внимателни. Знаеме дека нема да биде нималку лесно, но Шпанија се чувствува како моќна репрезентација, така што и ривалите ќе треба да се подготват добро за нас. Во првите две кола играме со Хрватска и Италија, не смееме да дозволиме осцилации во нашата игра бидејќи на вакви натпреварувања тоа скапо се плаќа“, изјави Де ла Фуенте.

Се вчитува...