Демир: Никој не може Скопје прерано да го отпишува од трката за опстанок

Младинскиот репрезентативец Бенјамин Демир беше најдобриот на теренот во вчерашното реми на Скопје со екипата на Ренова во 21. коло од Првата македонска фудбалска лига. Асистираше на единствениот гол за Скопје, го изнуди пеналот кој домашните не успеаја да го реализираат, а имаше уште неколку одлични акции како двигател на играта на тимот од Автокоманда.

Скопје остана без трите бода само поради промашениот пенал на Французинот Бопесу, но како што потенцира Демир нивниот тим никој се уште не може да го отпишува така лесно иако тежок ќе биде патот до опстанокот.

„Пролетва немаме пораз на двата првенствени дуели. За жал останавме без заслужената победа на вчерашниот дуел против Ренова, но таков е фудбалот. Имавме повеќе од играта, а на крајот мораше да се задоволиме само со реми. Во секој случај, од она што го демонстрираме на терен јасно е дека никој не може да не отпише така рано во трката за опстанок. Напротив, со игрите покажуваме дека заслужуваме да бидеме дел од Првата лига и иако бодовната разлика со Победа и Пелистер е осум бода до крајот максимално ќе се бориме да го избегнеме последното место“ – вели Бенјамин Демир.

Скопје по 20 одиграни натпревари е со 12 бода на последната позиција на табелата, осум помалку од Пелистер и девет помалку од Победа која има и натпревар повеќе.

 

Се вчитува...