Франк де Бур е виновникот број еден за елиминацијата на Холандија во осминафиналето од Чешка. Дефанзивецот Матијс де Лихт се извини за големиот „кикс“ и црвениот картон што го реши натпреварот, а интересен е фактот дека голем дел од новинарите вината за слабиот настап не ја гледаат кај асот на Јуве, туку кај Мемфис Депај.
Новото засилување на Барселона одигра далеку под своите можности против Чешка, а според новинарите на холандската национална телевизија, Јохан Дерксен и Тене ван дер Гијп, неговиот однос на и надвор од теренот ќе му биде голем проблем во тимот во кој прва ѕвезда е Лионел Меси.
„Разочаран сум од Мемфис Депај. Тој се однесуваше како Елвис Присли, мислеше дека е ѕвезда, лидер на теренот и надвор од него. Само што проблемот беше што кога требаше да блесне во играта, него никаде го немаше. Одигра четири средби и ниту еднаш не делуваше моќно, како што се однесуваше надвор од теренот. Мисли дека е голем играч, но сега ќе оди во Барселона крај Меси и не се сомневам дека Лео ќе го праша: Каде си играл фудбал досега, вака не се игра во Барса. Можеби стилот на игра на Холандија му одговараше, без многу трчање и одговорност, но со ваков однос брзо ќе го шутнат од Барселона, верувајте“, се вели во анализата на холандските новинари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА