Доминацијата продолжува: МЗТ Скопје се прошета низ Битола пред почетокот на плеј-офот

МЗТ Скопје со победничка низа од девет триумфи едно по друго ќе ја започне одбраната на трофејот во Првата лига откако во последниот натпревар од Суперлигата славеше со 79-88 против Пелистер во Битола. Аеродромци уште во втората четвртина стигнаа до висока преднсот која не ја испуштија до самиот крај и покрај налетот на „зелено-белите“ во финишот на третата и почетокот на последната четвртина.

Двата тима се мачеа во нападот на отварањето на средбата. МЗТ Скопје постигна само два поени за четири и пол минути игра, додека Пелистер чекаше речиси четири минути за своите први поени, но и двата тима го најдоа ритамот во нападот до крајот на првата четвртина, беа сигурни и во реализацијата на слободните фралња па резултатот гласше 19-21. Бојан Крстевски ја отвори втората четвртина со серија зад линијата 6,75 за прво позначајно водство на аеродромци (19-27), а и покрај тоа што Пелистер успеа да се врати на негатива од еден напад, финишот на првото полувреме им припадна на гостите кои стигнаа до преднсот од осум поени (40-48).

Рикиќ на отварањето на второто полувреме издоминира во рекетот за двоцифрена предност на МЗТ Скопје (40-52), а актуелниот шампион продолжи во ист ритам и во поголемиот дел од третата четвртина па предноста во еден момент се искачи и на 48-65. Сепак Пелистер благодарение на шутот за три поени успеа да ја ублажи негативата пред одлучувачката четвртина на 56-68. Добрата игра на битолчани продолжи и во последните десет минути во кои негативата стигна и до -7 (66-73), но аеродромци одговорија со серија од 9-0 и ставија крај на дилемите за победник.

Никола Малешевиќ и Стефан Крстајиќ беше лидери на Пелистер со по 17 поени, додека Игор Кесар додаде 11 поени, 7 скока и 5 асистенции. Војдан Стојановски го предводеше МЗТ Скопје со 16 поени и 5 скока, 14 поени и 7 скока додаде Адем Мекиќ, додека по 12 поени запишаа Рикиќ и Ајви на кои центарот додаде и 8 скока, додека бекот 5 асистенции.

Пелситер за противник во полуфиналето од плеј-офот ќе го има Еуро Никел, додека МЗТ Скопје ќе се сретне со ТФТ кој денеска славеше во натпреварот „Да се биде или не“ против Гостивар.

Се вчитува...