ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – ТОДОР ТОДОРОСКИ: Верувам во нови успеси со Македонија, срцето ми е во Вардар, тешко е да го гледам во Втора лига

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Тодор Тодороски отворено за ЕКИПА.МК говореше за четирите натпревари од јунскиот циклус во Лигата на нации. Тој искрено вели дека со оглед на тоа што се на втората позиција не може да биде задоволен, но дека од играта и самото тоа што играл на три од четирите натпревари мора да биде задоволен. 

Тодороски вели дека задоволство е да се работи со селекторот Боби Милевски и дека очекува да се квалификуваме и на Европското првенство во Германија 2024 година. Тој како дете на Вардар вели дека срцето се уште му е таму и дека многу го боли тоа што најтрофејниот тим се наоѓа во втората лига. 

==========================================================================================================================

ОД РЕЗУЛТАТИТЕ НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН, НО ОД ИГРАТА МОРА ДА БИДАМ!

Како си задоволен од настапите зa репрезентацијата во јунскиот циклус од Лигата на нации? 

Со оглед на тоа дека се наоѓаме на втората позиција не сум задоволен од резултатите од овој циклус во Лигата на нации. Сепак, со играта што ја покажавме на сите натпревари па и на мечот на домашен терен кој го загубивме од Грузија, во првиот дел и самото тоа што настапив на 3 од 4 натпревари секако мора да кажам дека  сум задоволен.

На натпреварот во Ерменија кој го добивме со 0-5 го имаше своето деби во националниот тим. Како се чувствуваше на тој натпревар? 

Првиот пат кога го облеков светиот дрес беше неверојатно чувство. Бев исполнет со емоции и неверојатно беше тоа што го исполнив сонот од детството, а тоа е да заиграм за репрезентацијата на Македонија. Моето деби беше уште поневеројатно бидејќи на крајот забележавме и голема победа на гостувањето кај репрезентацијата на Ерменија со 0-5. Едноставно се беше идеално. 

ВЕРУВАМ ДЕКА МОЖЕМЕ ДА ГО ПОВТОРИМЕ УСПЕХОТ ОД ЕВРО 2020

Веруваш ли дека можете да го повторите успехот од ЕВРО 2020 и да изборите пласман на шампионатот во Германија во 2024 година?

Верувам дека можеме да го повториме успехот од ЕВРО 2020. Верувам во оваа група на момци и знам дека можеме повторно да избориме пласман на еден континентален собир и да бидеме меѓу 24 репрезентации кои ќе настапат на следното Европско првенство во Германија во 2024 година. 

УЖИВАМ ДА РАБОТАМ СО БОБИ МИЛЕВСКИ!

Како е да соработуваш со Боби Милевски, човекот кој ти пружи шанса во националниот тим?

Мојата соработка со селекторот Боби Милевски почна уште од младата репрезентација. Тој е феноменален стратег, а јас одлично ги разбирам неговите идеи. Се надевам дека уште многу долго ќе соработуваме и дека ќе ја радуваме македонската публика со нови успеси. 

Минатата сезона ја помина во словачкиот Серед. Како си задоволен од сезоната?

Во Серед бев една полусезона задоволен сум бидејќи настапив на сите натпревари и сега чекам на некој нов ангажман.

СРЦЕТО МИ ОСТАНА ВО ВАРДАР, ТЕШКО МИ Е ДА ГО ГЛЕДАМ ВО ВТОРА ЛИГА!

Ги помина младите категории и првиот тим на Вардар. Какво беше твоето збогување со најтрофејниот клуб и какво е чувството кога овој тим го гледаш во Втората фудбалска лига?

Може некои нема да веруваат но Вардар ми остана во срцето и тешко ми е да го гледам во втора лига се надевам дека следната сезона ќе се врати во елитата а и јас еден ден сакам да се вратам во Вардар.

Се вчитува...