Еуро Никел го „преслуша“ Пелистер и закажа полуфинале против „зелено-белите“

Еуро Никел се „чекираше“ во полуфинаето од разигрувањето за титула откако во 9. коло од Суперлигата славеше на домашен терен против Пелистер со 94-70. Ова е триумф број 18 за кавадарчани, а без разлика од исходот на натпреварот во последното коло од победничката фаза избраниците на Самарџиев ќе завршат на третото место на табелата и битката за трофеј ќе ја започнат токму против денешниот противник.

Еуро Никел беше расположен во реализацијата за три поени на отварањето на средбата па ја превзема иницијативата, но како што одминуваа минутите гостите најдоа решение преку Кесар и Крстајиќ па ја вратија резултатската изедначеноста која остана на семафорот до крајот на првата четвртина (20-20). Кавадарчани го задржаа добриот ритам во нападот и до крајот на првото полувреме до кое проработија и високите играчи, а се раизгра и Дубински па домаќините стигнаа до двоцифрена предност (43-33). Сепак финишот на првото полувреме му припадна на Пелистер кој преку Младеновски и Малашевиќ успеа да ја преполови негативата (50-45).

„Големиот одмор“ беше во полза за домаќините кои успеаја да го консолидираат малиот пад и со одлична игра на двата дела од теренот уште во третата четвртина да ја осигураат победата. Нападот функционираше одлично, а во тимската игра Еуро Никел постигна 31 поен, дозволи само 12 на спротивната страна па стигна до предност од 81-57 со која ги реши дилемите за победа. Последната четвртина беше само формалнсот во која двата тима ги штедеа силите за викендашките натпревари.

Бранислав Џекиќ со 16 поени и 6 скока беше прво име кај Еуро Никел, додека него го следеше Џексон Дубински со 15 поени и 6 асистенции. Со 20 поени и 7 скока лидер на Пелистер беше Игор Кесар, а 15 поени додаде Никола Малешевиќ.

Ова беше последен натпревар од 9. коло во Суперлигата по кој познати се три од четирите патници во плеј-офот. Таму се МЗТ Скопје кој ќе заврши на првото место, Пелистер кој е на второто и Еуро Никел на третото, а последниот патник ќе биде одлучен во меѓусебниот натпревар помеѓу ТФТ и Гостивар.

Се вчитува...