Еуро Никел растура во подготовките – нека почне што поскоро сезоната

Еуро Никел е тимот што делува најимпресивно во подготвителниот период од македонските прволигаши, во исчекување на стартот на новата кошаркарска сезона. Кавадарчани составија квалитетен ростер, забележаа пет победи на петте контролни средби и потврдија дека со поголеми амбиции ќе влезат во новата сезона.

„Презадоволен сум од начинот на кој функциониравме во овој подготвителен период. Добро ги одработевме подготовките, а на натпреварите покажавме добра игра и заслужено стигнавме до пет победи. Свесни сме дека ова беа само контролни средби, но сметам дека е одлична увертира за сето она што е пред нас во новата сезона. Би било пресамоуверено уште сега да се најави атак на титула, но верувам дека можеме да се бориме за највисок пласман, тоа отсекогаш било одлика на нашиот клуб. Во секој натпревар ќе одиме на победа, верувам дека имаме потенцијал за да се вмешаме во самиот врвот на табелата“, истакнува Горан Самарџиев, стратегот што одлично се снаоѓа на клупата на кавадарчани.

Проблем во целата ситуација е неизвесноста околу стартот на сезоната, откако се погласни се најавите дека во „пет до дванаесет“ ќе биде променет системот во „бабл“, што само по себе значи одложување за најмалку десетина дена.

„Ние се подготвуваме како сезоната да стартува на 3 октомври, а конечната одлука ќе ја донесат одговорните лица во федерацијата и во државата. Желба на сите нас е да се најдеме што поскоро на терен и да почнеме со кошарка, секако кога ќе постојат безбедни услови за такво нешто. Се надевам дека наскоро тоа ќе се случи, за да се стартува со шампионатот“, вели Самарџиев.

Се вчитува...