Еуро Никел сигурен против Феникс 2010 – со победничка низа влегува во плејофот

Еуро Никел во победничка низа ќе го започне разигрувањето за титула откако во последното коло од Суперлигата славеше над Феникс 2010 со 93-63. Кавадарчани беа подобриот противник во поголемиот дел од мечот, умешно ги користеа предностите во рекетот, одолеаја на налетите на младиот тим и сосема заслужено стигнаа до нова победа.

Ниеден тим не успеа да ја наметне својата игра на отварањето на натпреварот. Феникс добро го заштити рекетот од високите играчи на Еуро Никел, но не успеа да реализира со голема успешност на спротивната страна. Со иста не можеа да се пофалат ниту кавадачани па по десет минути игра на семафорот стоеше резултат 16-16. Домаќините ја зголемија агресивноста во одбраната во продолжението од првото полувреме по што стигнаа и до лесни поени во нападот, успеаја и да ја наметнат доминацијата во рекетот па ја превземаа иницијативата и поведоа двоцифрено (27-18). Гостите навремено ги консолидираа своите редови и не дозволија зголемување на предноста, но и покрај тоа што влегоа во серија и со обидите за три поени и ја вратија негативата на едноцифрена на полувремето мораа да се задоволат со 41-31.

Еуро Никел продолжи да го контролира натпреварот и на отварањето на второто полувреме па во еден момент поведе со 51-39, но и гостите одговорија со добра игра на двата дела од теренот па со тројките на Стојановски и Димитривски ја преполовија негативата (51-45). Сепак  тајмаутот на Самарџиев не дозволи Феникс да го задржи ритамот. Домашниот состав најде решение во нападот преку бековите па ја врати двоцифрена предност по третата четвртина (60-50). Во последните десет минути скопјаните продолжија да бркаат негатива, но искусните домаќините не дозволија враќање, напротив ги користеа грешките на противникот, изгубени топки го претвараа во поени во транзиција па стигнаа и до убедлива победа.

Со 15 поени и 8 скока лидер на Еуро Никел беше Џекиќ, додека него го следеше Златев со 14 поени и 6 скока. Стојановски постигна 23 поени, 7 скока и 4 асистенции за Феникс 2010, додека со 15 поени мечот го заврши Митревски.

За Феникс 2010 ова беше последен натпревар од дебитантската сезона во Првата кошаркарска лига која ја завршија со голем успех, додека на минатогодишниот вицешампион му преостанува плејофот кој го започнува против Пелистер.

Се вчитува...