ФИЛИП ПОПОВСКИ – делегатот од Македонија на финалето на ЕП: Добив голем предизвик, не спиев неколку дена пред мечот



Гледајќи ги големите фудбалски ѕвезди на ТВ екраните или во живо на терените, понекогаш не сме свесни дека и луѓето кои се задолжени за организацијата на натпреварот се исто толку важни како и самите скапи фудбалери, кои се борат за трофеите и за успесите како на клупски, така и на репрезентативен план.

Во 2024 година македонскиот фудбал може да се пофали дека репрезентативно помина најдобро од нејзиното осамостојување, а на сето тоа претходеше и еден успех на федерацијата на Европското првенство кое се одржа во Германија.

Филип Поповски, генерален секретар во ФФМ, ја имаше улогата на делегат на сите натпревари кои се играа во Берлин, вклучувајќи го и големото финале меѓу Англија и Шпанија.

Во разговор за ЕКИПА објаснува како е да се биде делегат на едно финале полно со толку многу големини и на теренот и надвор од него и од двете страни.

=========================================================

Како ја прими веста дека си делегиран за Европското првенство? 

„Во март ми стигна мејл дека сум во потесен круг на делегати за ЕП. Како што е познато, делегатите доаѓаат од земјите кои не учествуваат на Европското првенство. Во април добив телефонски повик дека одам во Германија, а потоа и официјален мејл. Но, уште не знаев во кој град ќе бидам. Кога видов подоцна Берлин, не обратив многу внимание. Меѓутоа малку подоцна се свестив дека треба да бидам и во финалето. И уште не ми се верува дека бев дел од финале на ЕП. Се подготвував секојдневно, учев, ги проучував сите репрезентации, нивните однесувања, нивните навивачи. Предност ми беше што претходно имав комуникација со Италијаните, Хрватите, Англичаните, Турците, Австријците, од нивните организациски тимови“.

Што значи да се биде делегат на Европско првенство?

„Многу големо признание но и обврска. Претставувам пред се за матична куќа како ФФМ, а потоа и самиот себе. На ЕП имав позитивна трема, но и малку бев резервиран околу настаните, затоа што бевме сведоци на инвазии на терени, терористички закани, потоа временски непогоди, нешта кои носат голем предизвик. Јас имав среќа во Берлин да нема такви случувања. Натпреварите во групната фаза поминаа како што поминаа, потоа дојдоа и нокаут мечевите, но неколку дена пред финалето не можев да спијам. Дел од возбуда, дел од мислите дека мора се да помине како што треба. Тоа е нормално, затоа што јас како човек секогаш се трудам и се борам да помине се во најдобар ред“.

Постоеја ли некои ризици, проблеми за време на едно големо натпреварување?

„Имаше многу ризици на ова Европско првенство, беше многу специфично. Имаше инвазија на терените од страна на навивачи, потоа терористички закани, да не се заборави дека имаше и војна на европска територија. Мораше да бидеме подготвени на се. Згора на тоа имавме големи предизвици во Берлин, затоа што играа репрезентации како Холандија, Англија, Полска кои имаат армија на навивачи, но и лошо минато со фановите. Сето тоа мораше да се координира и да не се дозволи да се случи нешто големо. Сепак, како што реков во секој момент мораш да бидеш подготвен на се. За среќа избегнавме поголеми инциденти. Не послужи и времето, со оглед дека во неколку други градови имаше лошо време, проследено со силен ветер, со грмотевици. Внимававме на се. Се договоривме да им се набават на стујајрдите патики за трчање, за ако има некој да истрча на терен, да им биде полесно да го фатат. Нaвистина се внимаваше на секој детал, и помина се како што треба“.

Како поминува денот на едно финале?

„Денот на финалето е исто како и секој ден. Состанок во 10 часот, има повеќе од 100 луѓе од сите аспекти. Организациски тимови од двете екипи, од полиција, брза помош, пожарникари, судии… Генерално процедурално само и тука се потврдуваат дресовите кои ќе го носат селекциите. Церемонијата како ќе се одвива, во колку часот ќе почне, кога ќе заврши, кој ќе пее, каква точка ќе има, и мора се да се знае, односно кога екипите пристигнуваат на стадионот, кога излегуваат на загревање, до кога се загреваат, кога излегуваат од соблекувални, кога на терен, химните… Едноставно, мечот мора да почне точно во 21:00 часот, ни минута порано, ни минута подоцна“.

Дали луѓето од УЕФА на крајот беа задоволни од тоа како помина финалниот меч?

„Финалето помина како што треба, дури Берлин беше прогласен за најдобар организатор од апскет на безбедноста. Многу добро функциониравме со тимот кој го имав. Немавме ниту еден инцидент, додека на другите стадиони имаше многу предизвици. Превениравме добро, а и имавме среќа што кај нас немаше невреме, што не беше случај на пример во Дортмунд, каде еден меч беше и прекинат. Како одминуваа мечевите во групната фаза и потоа во нокаутот, собиравме драгоцено искуство и се подготвувавме за тоа финале. Да бидам искрен церемонијата на отворањето не ја видов. Јас бев доле на теренот и во соблекувалните и координирав, а потоа кога почна мечот се качив на трибини, на полувреме повторно доле, па повторно на трибини, и на крај одново на терен кога беше таа главна церемонија на доделување на наградите. Навистина еден предизвикувачки ден за мене, но и за сите околу мене во тимот. Седев на трибините заедно со Бјорн Кујперс и со Роберто Росети кои беа задолжени за судиите. Секој си беше задолжен за својата работа“.

После таков еден голем меч дали постоеше еден вид олеснување за тебе дека се минало во најдобар ред?

„Не можев веднаш по финалето да се опуштам, утредента дури. За мене мечот не завршува после судискиот свиреж. Јас и мојот тим да напишеме извештаи како течело, се што се случувало на мечот, дали имало проблеми со судии, со клупите, со навивачите, со ВАР технологијата… Се симнавме доле на церемонијата на доделување на медалите и на  пехарот, затоа што тука постои ризик некои од фудбалерите сакаат на терен да ги внесат најблиските членови од семејството, остануваат и навивачи кои ја гледаат таа церемонија. Значи останување долго до утринските часови. Па, дури тогаш може да се испие заслуженото пиво. Утредента стануваш, доручек и веднаш се враќаш назад дома. Интересно е тоа што секогаш околу финалињата на Европските првенства ми е роденден, па ова ми беше еден вид подарок за мојот роденден“.

Како е да се биде дел од меч во кој учествуваат толку многу ѕвезди, толку скапи играчи?

„Големите репрезентации знаат како да се однесуваат и што ги чека на едно вакво натпреварување. Имаат огромно искуство со играње вакви големи мечеви. На пример Англија, Шпанија, Холандија… се селекции кои се научени веќе како тоа функционира. Знаат што ги чека, и кога треба да бидат во градот, кога е тренинг, што треба да прават, како да прават. Сепак, ние треба да бидеме подготвени дека може сешто да се случи и да дојде до некоја кризна ситуација и тука мора да реагираме. Секогаш треба да бидеме подготвени дека нешто може да се случи и покрај тоа што Германија важи за земја во која сите очекуваа беспрекорна организација и никакви проблеми“.

Има ли некои примедби од големите тимови/репрезентации некогаш кон тебе како делегат или некое незадоволство?

„Беше многу специфично во Германија. На пример таму полицијата функционира различно во секоја покраина. Во некои покраини има закон дека полицијата не смее да користи ротационо светло. И сега тоа некои селекции не го сфаќаат, па на пример се случува да заглават во сообраќајот, па да се жалат, и покрај тоа што на стадионот стигнале во предвидениот рок. Меѓутоа со тоа сакаат на некој начин да си го тргнат притисокот од себе, и јас ги разбирам дека кај нив притисокот е огромен. И ние самите имаме притисок дека мечот мора да мине во најдобар ред, затоа на некој начин имам разбирање“.

Која е твојата желба во 2025 година? 

„Најпрво на сите да им посакам успешна Нова 2025 година, да имаат денови исполнети со среќни и радосни моменти. А, мојата желба е Македонија да се пласира на Светското првенство, со оглед дека ја чекаат квалификации за Светско првенство оваа година”

Се вчитува...