Нокаут фазата од ЕВРО 2020 дефинитивно не е добар момент за експерименти, но францускиот селектор Дидие Дешамп е принуден да стори вакво нешто за вечерашниот осминафинален дуел со Швајцарија, на кој „триколорите“ ќе мораат да настапат со целосно променета формација, со тројца играчи во последната дефанзивна линија.
Проблем е позицијата лев бек, каде најпрвин се повреди Хернандез, а на последниот дуел со Португалија настрада и неговата резерва Лука Дињ. Дури и плејмејкерот Адриен Рабио, кој по потреба може да игра како лев бек, се жали на болка во мускулот и нема да може да биде стартер против Швајцарците, поради што Дешамп беше принуден да најде ново решение за нокаут-фазата. Тој на последните тренинзи експериментирал со неколку играчи на лев бек, пред дел од клучните првотимци предводени од Пол Погба гласно да побараат – промена на формацијата во 3-4-3.
Со тоа Дешамп би избегнал ставање на фудбалер на неприродна позиција, но што е уште позначајно за Французите, напаѓачкото трио Гризман – Мбапе – Бензема би добило помалку задачи во дефанзива и би се фокусирало целосно на загрозување на противничкиот гол.
„Многу разговарам со фудбалерите, особено со оние кои се клучни играчи, бидејќи ме интересираат нивните мислења, како можам да го извлечам најдоброто од секој од нив. Сакам да слушнам што мислат, но јас сум тој што ги носи конечните одлуки“, изјави Дешамп.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА