Главчев задоволен: ФМП докажа дека може да се носи и со најсилните

Академија ФМП го приреди најпријатното изненадување на стартот од новата кошаркарска сезона, откако во првото коло го совлада фаворитот Гостивар. Тимот од Кисела Вода водеше од почеток до крај, потврдувајќи дека со новиот тренер и со неколкуте квалитетни засилувања може да се носи со секој ривал.

„Ова е многу значајна победа за нас. Среќен сум што го почнуваме првенството со позитивен резултат и што покажавме дека можеме да се носиме и со најсилните екипи. Мислам дека игравме без притисок и дека заслужено победивме. Ова е само прв меч, знаеме дека имаме уште простор за напредок и се надевам дека како што ќе одминува сезоната, така и ние ќе играме уште подобро“, истакнува капитенот Горан Главчев.

Според него, клучен фактор во саботата пресметка била желбата за победа кај домашните кошаркари.

„Пресуди тоа што бевме помотивирани, повеќе ја посакувавме победата од противниците. Факт е декаа и тие како и нашата екипа подолг период беа без натпревар, тука ја гледавме нашата шанса да ги изненадиме и го сторивме токму тоа“, задоволен е Главчев.

Се вчитува...