Ракометарите на ГРК Охрид ја забележаа првата победа во дерби-натпреварите во Суперлигата сезонава, откако пред своите гледачи со 26:24 го совладаа Алкалоид.
Претходно, Охриѓани ремизираа со Е. Пелистер, а загубија од Вардар во дерби пресметките.
Почетокот навестуваше натпревар со мал број на голови бидејќи во воведните десетина минути одбраната го имаше главниот збор (3:3).
Првиот обид да направи предност го имаше Алкалоид, кој благодарение на брзите реализации на крилата Никола Костески и Тодарсон поведе со 4:7.
Сепак, гостите се соочија со проблеми по исклучувањата на Сухолежник и Стојковиќ, што домаќините знаеја да го искористат. Предводени од Стрмљан, Иванковиќ и Мате, охриѓани ја анулираа негативата и израмнија на 7:7.
Алкалоид накратко ја прекина кризата преку Дамјан Митев, но новите технички грешки во нападот му овозможија на Охрид да ја преземе контролата и да поведе со 10:8. На пет минути пред крајот на првото полувреме домашниот тим имаше предност од 11:9, а на паузата замина со убедливи плус четири (15:11).
Избраниците на Ројевиќ одлично го отворија и второто полувреме, продолжувајќи со сигурна игра на двата дела од теренот. Охрид постепено ја зголемуваше предноста, која во еден момент достигна и шест гола (19:13).
Гостите се обидуваа да се вратат во натпреварот и во еден момент успеаја да ја намалат разликата на три гола, но домаќините не дозволија. Со организирана игра ГРК Охрид го контролираше финишот и заслужено стигна до победа од 26:24.
Доминик Мате беше најефикасен во редовите на Охрид со шест погодоци, додека голманот Дино Славиќ имаше десет одбрани. Кај Алкалоид, Никола Костески постигна шест гола, а Дамјан Митев го заврши натпреварот со пет погодоци.
Убедлив триумф од 24:33 оствари и шампионот Вардар и тоа на гостувањето кај Струга и го задржа максималниот ефект, шест победи во шест натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
