Халанд им купил подароци на сите во Борусија, вложените пари ги има заработено за само два часа!

Ерлинг Халанд се врати во градот каде што стана напаѓач од светска класа. Со Манчестер Сити гостуваше во Борусија Дортмунд, а на теренот одигра само во првото полувреме. Овој дуел заврши без голови (0-0).

Халанд нема постигнато гол веќе 92 минути, податок што изгледа сосема нормално за секој напаѓач, но не и за Халанд, кој сезонава е немилосрден во сите натпреварувања. Пеп Гвардиола реши да го замени веќе на полувремето бидејќи не бил целосно подготвен да го одигра натпреварот.

„Ерлинг имаше блага температура пред натпреварот. Можев да видам дека е уморен. Тоа е причината зошто го сменив. Многу се мачевме … Првата причина за промената е замор, втората е температурата, третата што доби удар во стапалото. Затоа не можеше да игра во вториот дел“, изјави Пеп.

Иако мечот не беше успешен за Халанд, неговото враќање во Дортмунд беше посебно емотивно. Кога заврши натпреварот, тој го обиколи теренот и се збогуваше со навивачите, кои не така одамна беа негови најголеми поддржувачи и каде се чувствуваше како дома.

Халанд сакал да го израдува своето поранешно „семејство“ со подароци. Може да се каже дека не „потрошил“ премногу, откако одвоил околу 5.000 евра. Имено, Норвежанецот купил неколку негови дресови кои чинат околу 100 евра и им ги подарил на поранешните соиграчи од Борусија и на вработените на стадионот. Вложените пари Халанд ги заработува за само два часа. Неговата неделна плата во Манчестер Сити е околу 430.000 евра, што значи дека секој час заработува околу 2.500 евра.

Се вчитува...