Холандската репрезентација се соочува со неочекуван хаос на само неколку дена пред почетокот на ЕВРО 2024, откако двајца фудбалери кои важеа за сигурни стартери кај Роналд Куман отпаднаа од комбинација за целокупниот шампионат.
Најпрвин утрово беше објавено дека Френки де Јонг нема да може да им помогне на „лалињата“ на ова европско првенство, а главоболките на селекторот Куман уште повеќе се зголемија откако и Теум Копмајнерс заработи повреда и отпадна од комбинација за ЕВРО 2024. Одличниот плејмејкер имаше фантастична сезона во дресот на Аталанта, моментно се наоѓа многу блиску до потпис со Јувентус, но повредата што ја заработи на загревањето пред последниот пријателски меч со Исланд се покажа дека е од посериозна природа.
Копмајнерс ќе паузира најмалку еден месец од терените, па стручниот штаб донесе одлука тој да го напушти репрезентативниот табор и да почне со рехабилитација.
Само за потсетување, Куман во последниот месец остана и без помошта на Де Рон, Тимбер и Вифер, па „лалињата“ значително ослабени ќе отпатуват на претстојниот европски шампионат.
Холандија во својот прв меч в недела ќе се сретне со селекцијата на Полска, а дел од оваа група се уште и Франција и Австрија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА