Хасани посилен од снегот, голеада на Победа и Шкупи, по бод за Скопје и Ренова

Шкендија во снежни услови во Тетово го совлада тимот на Академија Пандев со 1-0 и ја зголеми предноста на врвот на табелата во однос на Вардар на огромни 11 бода. Откако тетовци не искористија два пенали на овој меч, Ферхан Хасани во 79.минута го постигна победничкиот погодок за Шкендија.

Победа во дуел со многу пресврти ремизираше против Шкупи (3-3), а и Скопје и Ренова ги поделија бодовите, играјќи 1-1. Мечот меѓу Силекс и Пелистер е одложен.

Шкендија со тешки маки стигна до победа против Академија Пандев на снежниот терен на Градскиот стадион во Тетово. Во 17.минута, Ибраими се избори за пенал, а Ферхан Хасани го погоди само дирекот од голот на Академија Пандев. Четири минути подоцна, Фазлагиќ заработи црвен картон поради груб старт на снежниот терен. Се обидуваа потоа и Ибраими, Емини, Хасани, но на полувреме се замина со почетниот резултат.

Во 53.минута, силите на теренот се израмнија, откако и Константин Чешмеџиев доби црвен картон поради гурб старт. Во 65.минута, Бесарт Ибраими уште еднаш беше соборен, втор пенал за Шкендија, но овојпат самиот не успеа да го реализира. Голманот Никола Вујанац го одбрани неговиот удар. И по многуте напади, конечно, во 79.минута, Шкендија поведе со голот на Ферхан Хасани, кој со левата нога од десетина метри го совлада чуварот на мрежата на Академија Пандев.

 

Фантастичен меч се одигра и во Битола, а Победа и Шкупи ремизираа 3-3. Шкупи поведе рано со 0-2, со головите на Тони Типуриќ во петтата и на Ермедин Адем во деветтата минута. Но, Победа не се предаде.

Филип Најдовски од пенал во 41.минута намали на 1-2. Во вториот дел, на сцена стапи искусниот напаѓач Благоја Гешоски и со два гола донесе триумф.

Популарниот Гешо во 56.минута израмни на 2-2, а во 75.минута уште еднаш ја затресе мрежата на Шкупи за водство од 3-2. Но, Емре Чан повторно израмни во 85.минута од натпреварот.

На „Железарница“, Скопје и Ренова ремизираа 1-1. Домаќинот поведе во 77.минута, со голот на Жоел Бопесу, кој со удар со глава ја затресе мрежата на „гипсарите“. Но, Меџит Незири не дозволи Ренова да загуби и во 90.минута постигна погодок за израмнување и поделба на бодовите. Бопесу во судиското продолжение имаше шанса да донесе победа за Скопје, но многу лошо го изведе пеналот во 93.минута.

Во Кратово, иако условите не беа потешки од другите стадиони, мечот не се одигра. Судијата Јосип Бартон во договор со капитените на Силекс и на Пелистер, одлучи натпреварот да биде одложен.

ПРВА ЛИГА, 21.КОЛО

ШКЕНДИЈА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-0

СКОПЈЕ – РЕНОВА 1-1

ПОБЕДА – ШКУПИ 3-3

СИЛЕКС – ПЕЛИСТЕР ОДЛОЖЕНО

ВЧЕРА: РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 2-1

Табела: Шкендија 53, Вардар 42, Силекс 32 (-2), Работнички 27, Шкупи 27, Академија Пандев 26, Ренова 21, Победа 21, Пелистер 20 (-1), Скопје 12 (-1).

Се вчитува...