Илиевски: Пелистер заслужува да игра финале, градот Битола заслужува таков успех

Пелистер ниту во вториот суперлигашки дуел не успеа да го запре тимот на МЗТ Скопје, откако битолчани синоќа загубија од актуелниот шампион во „Боро Чурлевски“ во Битола, меч  кој немаше преголемо резултатско значење бидејќи МЗТ во секој случај ќе го почне плејофот како прворангирана екипа, а „пелистерци“ ќе стартуваат од „котата два“.

Тренерот на Пелистер, Марјан Илиевски, е оптимист дека неговиот тим ќе успее да се врати во победнички ритам и да триумфира во полуфиналната серија со Еуро Никел, што почнува в петок.

„Честитки за моите кошаркари, кои порано од сите други екипи се пласираа во плеј-офот. Сакам да им се заблагодарам на љубителите на кошарката во Битола и „Чкембарите“ кои безрезервно ни даваат поддршка и верувам дека така ќе биде и во иднина. Сакавме да завршиме на врвот, бидејќи во текот на целата сезона убедливо бевме први. Реков и пред натпреварот, дека овој дуел нема резултатски значај, но за мене најголема победа овие две години е препознавањето на публиката на она што го работиме овие две сезони. Пелистер е фактор во македонската кошарка и сите имаат респектабилен однос кон ова што се работи во Битола. Имавме доминација во целиот шампионат, имавме падови во АБА2 лигата. Во секој спорт доаѓаат успони и падови и се надевам дека ова што ни се случи, период во кој имаме недостатоци, ќе го оставиме зад нас. Верувам дека в петок ќе влеземе со фокус и подготвеност за пат кон финале. Секогаш велам дека заслужуваме да играме финале, посебно после ова што го видов вечерва, и градот заслужува таков успех. Како што градот препозна и ни дава целосна поддршка, верувам дека и оние кои постојано нè критикуваат, ќе продолжат да нè критикуваат, бидејќи тоа ни дава уште повеќе мотиви во плеј-офот“, изјави Илиевски.

Се вчитува...