Ин мемориам: Почина Јанко Луковски, легендарниот македонски кошаркарски тренер

Трагична вест пристигнува од Србија, каде медиумите објавија дека починал Јанко Луковски, еден од најлегендарните македонски тренери. Тој во последни две децении живееше во Нови Сад, каде ја основаше сопствената кошаркарска школа „Спорт Ки“.

Јанко Луковски потекнува од школата на Работнички, каде што прво успешно настапува како играч, а потоа извесен период го предводи овој тим од клупата. Со Луковски како кормилар, тимот од „Градски парк“ го остварува најголемиот успех во ју-кошарката, а тоа е третото место во првенството на СФР Југославија во сезоната 1991/92. Десетина години претходно на тимот од „Градски парк“ му обезбеди пласман во финалето од Купот на СФРЈ и тоа во 1983 година, кога загуби од Цибона.

Исто така, Луковски во периодот од 1982 до 1986 година беше дел од стручниот штаб на кадетската репрезентација и младата репрезентација до 21 година на СФРЈ, каде имаше можност да работи со кошаркари играчи како: Дражен Петровиќ, Здовц, Паспаљ, Пецарски, Цвјетичанин , Перасовиќ, Сретеновиќ..

Пред неколку години ја имаше и последната обврска во македонската кошарка и тоа како советник во младинската школа на МЗТ Скопје, но и на КФМ. Почина на 77-годишна возраст.

Се вчитува...