Емил Рајковиќ е тренерот со најуспешна кариера во мак-баскетот во последните десетина години, период во кој македонскиот стручњак се етаблираше и во европски рамки. Врвот беше достигнат кога Рајковиќ седна на клупата на гигантот ЦСКА Москва, клуб чиј дел беше се до април годинава.
„Искрено, ова ми е нова ситуација и се чувствувам добро. Како вистински одмор, за првпат после многу години, можеби 18 години се случува да сум слободен во новогодишниот период и да сум во Скопје. Затоа, чувството е одлично, да бидам во мојот град, крај моето семејство и најблиските“, го почнува Рајковиќ овој новогодишен разговор за ЕКИПА.
Веднаш штом заврши соработката со рускиот гигант, Емил доби интересни понуди, но се уште размислува пред да го повлече наредниот чекор во тренерската кариера.
„Како што заврши приказната со ЦСКА, веднаш добив пет-шест понуди од различни земји, имаше понуди од Израел, од Полска, од клубови од јадранската лига… Пред се, не бев подготвен веднаш да се зафатам со нов ангажман, сакав малку одмор, но и немаше таква понуда што би била „премногу добра за да се одбие“. Реално, се наоѓам во специфична ситуација, кога ќе го достигнеш нивото да си тренер на ЦСКА, не е лесно да се избере следниот чекор и следниот клуб. Нема многу клубови на тоа ниво, а од друга страна ЦСКА не играше во Евролигата додека јас бев тренер за да бидам доволно „изрекламиран“ во тие евролигашки кругови, во кои е исклучително тешко да се влезе. Затоа и бев малку повнимателен во тој избор на клуб, си дадов малку подолг одмор, па ќе видиме што носи иднината“.
При изборот на новиот клуб, клучна се очекува да биде амбициозноста на проектот и можноста за борба за највисок пласман.
„Би сакал мојата наредна работа е да биде во клуб на највисоко можно ниво, со одреден потенцијал за да можеш да направиш резултат. Ќе повторам, специфично е, не можеш да добиеш шанса во Евролигата само затоа што си бил тренер во ЦСКА, најмногу поради тоа што не го водев тимот во ова натпреварување, а добро познато е дека во кошарката голем дел од ангажманите се добиваат преку лични релации, кога играш едни против други и можаш на тој начин да оставиш впечаток… Сите понуди што сум ги имал се од луѓе кои на некој начин ме познаваат или соработувале со мене, знаат каков тренер и каков човек сум. Не можам да предвидам каде и како, првенствено ќе ми биде клубот да биде на повисоко ниво, со значителни амбиции, ако може Евролига супер, ако не, нека биде Еврокуп, но важно ми е да има потенцијал за уште поголем развој. За конкретна држава немам размислувано, но ако се знае дека последните години ги минав на северниот дел (Астана, Автодор, ЦСКА), би било убаво тоа да биде во некоја потопла дестинација“, открива Рајковиќ.
Тој се осврна и на времето минато на чело на ЦСКА Москва, еден од најголемите кошаркарски клубови во Европа.
„Работата на тренерот е да дојде и да постави методологија на работа, одредени пракси и да се остварат резултатите што управата ги очекува од вас. Тоа секогаш ми успевало и затоа и сум стигнал до ЦСКА Москва. Секако, во ЦСКА ситуацијата е поразлична бидејќи станува збор за поголема, погломазна организација, институција. Иако не играат Евролига, можам да кажам дека тимот од Москва е подобра организација од голем дел од евролигашките клубови. Не говорам само за буџет, туку за повеќе оддели кои имаат јасно одредени цели и обврски, така што во ЦСКА секој многу добро знае кој што работи, не оставајќи простор за импровизација. Притисокот во ЦСКА Москва е најголем во светот на кошарката, тоа ми го кажа и претседателот Ватутин на една од првите средби што ги имавме. Фактот дека не игравме во Евролигата ми ја олесни работата бидејќи немавме тешки средби секоја седмица, па во првата година урнав навистина голем број на рекорди во клупската историја и во ВТБ-лигата. Јас останав речиси две години во ЦСКА, не можеш да се задржиш толку долго ако не си успешен“, истакнува македонскиот кошаркарски стручњак.
Кога разговорот се врти кон македонската кошарка, прва асоцијација за Рајковиќ е проектот Фени индустри во Кавадарци, клуб со кој овој стручњак освои трофеи и ја почна успешната кариера…
„Не треба да говорам за искуствата од страна, ние самите сме знаеле порано, пред повеќе од 10 години како се прави клуб и како се развива кошарката. Јас бев дел од Фени индустри, клуб што од втора лига го направивме да биде сила на Балканот со шест-седум трофеи во тој период. Ние направивме баш таков проект, од нула до сериозен клуб. Буквално се почнува со луѓе кои се доволно компетентни, чесни и мотивирани. Треба нивните цели да бидат навистина чесни, да мислат на кошарката и да имаат јасна стратегија за развој. Ние имавме стабилен спонзор, но Фени индустри во првата година спонзорираше со 3.000 евра годишно. Сепак, кога претседател стана Амир Абед, дел од структурата на таа компанија успеа да избори кај нивниот менаџмент некој подобар буџет од 300-400 илјади евра во првата сезона. Јас дојдов како млад тренер што донесе играчи кои во тој момент беа доволно добри и познати на македонската сцена, но и тие самите беа доволно визионери дека можат да направат некоја историја во Кавадарци. Тие играчи дојдоа со мене во непознат проект, играа за некои просечни плати, а веќе во првата година направивме голем успех.
И во Фени Индустри, а потоа и во речиси сите следни клубови во кои сум работел, клучно е да има вистински луѓе кои што се доволно компетентни во одреден дел и ентузијасти за да не ја чувствуваат таа работа како ангажман и товар, туку како секојдневие“.
Резултатите на македонските клубови во тоа време, во споредба со овие денешните, се јасен доказ за алармантната состојба на македонската кошарка.
„Она што е поразително е што во тоа време ние не примавме ваучери, немаше помош од државата, туку имаа спонзори, Фени беше приватна компанија, ние од општина Кавадарци не добивавме буквално ништо. А сега се сменети условите во државата и голем дел од клубовите всушност егзистираат од државната помош. Сега гледам дека огромен број од кошаркарските колективи не егзистираат, туку „животарат“. Во тоа време кога јас бев тренер имаше повеќе клубови кои беа сериозни и атакуваа на резултат, а сега е премногу паднато ниво… Со тоа што овие играчи кои беа оставштина на таа генерација која правеше резултат (Гечевски, Чековски, Дамјан, Војдан…), ние не можеме да ги замениме, странците со тоа што не играш во сериозни натпреварувања исто така се на пониско ниво од оние од пред десетина години. Сето тоа придонесува, од ситуации кога МЗТ го добивал Партизан и други врвни тимови во АБА1 пред десетина години, сега нашите тимови да не можат да победат речиси никого во АБА2. Тоа е навистина алармантно…“, разочаран е Рајковиќ.
Според него, клубовите се тие кои мора да повлечат потег, да искажат поголема доверба на македонските кошаркари за сметка на големиот број на странци што во изминатите десетина години продефилираа во мак-баскетот.
„Се зависи од клубовите, ако си дел од тимовите кои се борат за трофеи, тогаш е тешко да се даде шанса на помладите, освен ако не е некој исклучително голем талент. Реално, да бркаш резултат и да даваш шанса на млад играч, можеш да дадеш на еден, максимум двајца, и тоа да имаат споредна улога. Е сега, голем дел од клубовите се свесни дека не можат до трофеј, за нив е дури и препорачиво да инвестираат во тие млади играчи, да ги развиваат, тоа е многу поисплатливо отколку да се носат скапи ѕвезди, а си свесен дека резултатски не можеш до врвот. Еве, гледајќи ја сегашната ситуација, мислам дека македонските клубови, вклучувајќи ги тука и оние најголемите, дека е вистински момент повеќе да ризикуваат. Затоа што искрено кажано, полошо од ова не може, нема што да загубат. Можеби треба да се повлечат и порадикални чекори на државно ниво, затоа што ионака резултат немаме, потребно е да се најде начин децата да излегуваат на површина, а тоа е возможно само ако играат“.
„Искрено мислам дека полошо од ова не може, дека клубовите треба да го разберат тоа и да почнат да се фокусираат на домашниот производ, тоа е единствениот начин за да извадиме и играчи и тренери, можеби не веднаш, но со работа ќе имаме плод и резултат за неколку години. Сепак кошарката ни е на сите нас во крв, ја знаеме играта, имаме и успешни тренери и врвни играчи, имаме талент за таа игра, но треба доследност во она што го работиме за да имаме резултати“.
Исклучително важно ќе биде и да се најде начин оние млади бисери да се задржат во македонската кошарка, наместо уште пред да ја почнат професионалната кариера тие среќата да си ја бараат надвор од татковината.
„Искрено, мене ми е жал како се случува, штом некое дете малку се издвои од средината овде, веднаш заминува. Дали е тоа во САД, имаше многу деца на 15-16 години што заминаа во Италија, имаше и случаи во Шпанија… Мора да се размислува, да се најде начин да ги задржиме, да остане некое дете и за репрезентација, каде ни е неопходна свежа крв. Ете, Андреј Јакимовски е играчот со најголем напредок и најголем талент од таа нова генерација, а речиси и да не се појавил во репрезентацијата поради обврските во САД“, истакнува Емил Рајковиќ.
Кога станува збор за репрезентацијата, јасно е дека е потребна поголема широчина во ростерот, како помош за Ненад Димитријевиќ како нов лидер на националниот тим.
„Македонската репрезентација е она што најмногу го следам во изминатиот период. Можам да кажам дека бев многу пријатно изненаден од начинот на кој одигравме и ја совладавме Полска на гостински терен, бидејќи тоа е една исклучително сериозна селекција. Момците одиграа извонредно, мора да се пофалат и селекторот Јончевски и сите кошаркари… Штета е што нема уште неколку деца… го имаме Нено како нов лидер, го имаме Итан Хап, но треба и уште две-три деца да се појават, да почнат да добиваат минутажа и да ја користат. Вака, целиот притисок паѓа врз Димитријевиќ и многу е тешко и за него и за целокупната репрезентација. Да, Пеце Наумоски своевремено беше таков лидер, но тој крај себе ги имаше и Дејан Јовановски и Врбица и Дуле Боцевски…
„Да не говорам за златната генерација од 2011 кога крај Перо Антиќ ги имавме и Тоше, Станко, Владо Илиевски, Дамјан, Војдан… надополнети со Бо Мекејлеб и предводени од Марин Докузовски. Тоа беше вистински тим, гледано од оваа перспектива можеби и неповторлив, но мора да знаеме дека тој успех е дел од секој Македонец и да се стремиме да го повториме или надминеме некогаш во иднина“.
За крај, тој испрати јасна порака до луѓето задолжени за развој на кошарката на спортот, дека мора да се почне од нула, од инфраструктура, но и максимално почитување на предвидените правила кои се веќе напишани, но и со години наназад се игнорираат.
„Мислам дека е потребно, кој и да е предводник на кошарката во иднина, да се дојде до кревање на инфраструктурата. Салите мора да бидат на одредено ниво, повисоко од ова. Знам дека во Статутите имаме запишано се, но тие правила не се почитуваат. Ако сакаме сериозен спорт, тука не смее да има попуст за тоа. Кога отидов во Полска пред десетина години, квалитетот не беше на некое највисоко ниво, но начинот на кој што сето тоа изгледаше, кренато од организациски аспект, даваше поинаква димензија за кошаркарскиот спорт. Затоа, мора да се вложува во производот што се создва – натпреварот да биде пренесуван од ТВ-партнерот на начин на кој доликува, со студио, анализа, поголем број на модерни камери, помодерна графика, задолжителни унифицирани ЛЕД-рекламни паноа, рекламни банери за прес-конференции…Рецептот е јасен – почитување на правилата кои важеа подеднакво за сите, тоа е она што мора и овде да се направи. Не говорам само за натпревари, салите мора да бидат топли и за тренинг, не можеме ние да очекуваме ниво и квалитет ако кошаркарите по 3-4 месеци работат во ладни сали, а потоа сакаме да напредуваат… Мора да се почне од тоа, а потоа можеме да говориме и за системи и за стручност на тренери и за се останато“, порачува за крај Емил Рајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА