Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ во поопширно новогодишно интервју одговараше на новинарските прашања од медиумите во Македонија, како начин за допирање до јавноста на сите идеи, визии и планови на новиот предводник на ФФМ за подобрување на состојбите во македонскиот фудбал.
Масар Омерагиќ, ги сподели своите размислувања за клупскиот и репрезентативниот фудбал, судиската комисија, ВАР-технологијата, спонзорства, инвестиции, поддршка од државните институции и локалната самоуправа за подобрување на инфраструктурата, враќањето на фудбалските великани во „Куќа на фудбалот“…, но и желбата конечно да се стави ред во младинските национални селекции.
Какви се првите впечатоците по првите седум дена од преземањето на водечката функција во ФФМ?
„Измешани се чувствата по преземањето на претседателската функција, но тоа не е нешто ново и непознато, па полека како времето минува еуфоријата ќе се смири и нештата ќе се постават по својот пат, онака како што треба. Еуфорија, кога велам, во смисла на веднаш максимална активност со бројни состаноци со фудбалски лица, со многу нови одлуки во само неколку дена преку кои и во јавноста се создаде некоја мала еуфорија. Но сето тоа е нешто сосема нормално“.
Патот на Масар Омерагиќ до претседателската функција некако е стартуван уште во 2000 година, а заокружен сега со изборот на последното Собрание.
„Да, патот е некако долг уште од перидот веднаш по крајот на мојата фудбалска кариера кога од 2000 до 2002 година бев член на Меѓународната комисија на ФФМ. Од 2002 до 2006 година бев и најмлад член на Управниот одбор на ФФМ, а извесен период бев и директор на А-репрезентацијата за време на селекторувањето на Драган Канатларовски. По 2006 година го напуштив Управниот одбор и неколку години бев надвор од фудбалот, се додека некои пријатели не ме убедија да се кандидирам за прв човек во 2009 година. Но, таа кандидатура наиде на многу проблеми. На едно собрание не ми беше дозволен влез, потоа имаше второ собрание со претставници на ФИФА и УЕФА, и следеше потоа изненадувачка одлука на УО на Хаџи-Ристески за моја доживотна суспензија, и тоа за сосема банална причина. Јас таа одлука ја обжалив пред Арбитражниот суд во Лозана, и го добив тој спор, по што следеа бројни состаноци мои со претставници на ФИФА и УЕФА кои доаѓаа во Скопје, а во чии делегации беше и актуелниот генерален секретар на УЕФА, Теодоридис. Следеше потоа во 2012 година Изборно собрание на кое ја повлеков мојата кандидатура, поради разни околности во кои сега не би навлегувал, и потоа повторно се повлеков од фудбалскиот живот се до сега кога повторно по убедување од фудбалските пријатели дојдов таму каде што сме сега“.
Како ја оценувате работата на вашиот претходник Муамед Сејдини?
„Во принцип никогаш не сакам да коментирам за луѓе со кои не сум имал блиска соработка, затоа што ние никогаш не сме соработувале, а се познававме површно. Ќе оставам да коментирам за работата откако подетално ќе увидам во каква ситуација е федерацијата. Она што можам да го кажам е дека мислам дека не се искористи доволно нашиот пласман на ЕП и финансиските бенефити кои ги добивме од истиот, во смисла на дополнителна инвестиција во младите категории, во изградба на терен, во фудбалската академија која е во очајна состојба. Затоа е неопходно извесен период да мине за да создадам комплетна слика околу досегашната работа во федерацијата“.
Првите честитки по именувањето на претседателската функција дојдоа од првите луѓе на ФИФА и УЕФА, Џани Инфантино и Александар Чеферин.
„Сигурно годат желбите за успешна работа од првите лица на светскиот фудбал, а со самото тоа се укажува дека целиот процес бил максимално легитимен, согласно статутите на ФИФА и УЕФА. Но, тие честитки и поддршки сигурно, од друга страна, и обврзуваат сите заедно да се вложиме за развојот на фудбалот“.
Кога може да се очекуваат првите резултати од вашето преземање на Фудбалската федерација на Македонија.
„Ова прашање е навистина за дискусија. За жал состојбата со младинските категории во македонскиот фудбал е очајна. Македонија отсекогаш била расадник на млади таленти, и затоа верувам дека со една стручна работа, предводена од новите лица кои ги поставивме на чело со спортскиот директор на националните селекции Горан Пандев како и техничкиот директор Ѓорѓи Христов, заедно и со сите оние лица кои ќе бидат поставени во младинските категории низ наредниот период, ќе одиме чекор напред во сите младински селекции. Што се однесува до А-репрезентацијата, се знае дека јавноста тука секогаш бара резултати сега и одма. Наше е да им овозможиме максимални услови на репрезентативците за работа, а потоа во зависност од резултатите ќе следат и сите наши следни потези. Во селекцијата до 21 година е именуван нов селектор, Горан Станиќ кој покажа завидни селекции додека беше селектор на репрезентациите до 17 и до 19 година, а сега со Работнички, со една млада и неафирмирана екипа е на делба на првото место по есенскиот дел во првенството“.
А-репрезентацијата имаше повеќе од забележителни резултати во Лигата на нациите, на прагот е да обезбеди бараж за Светско првенство, па најавивте дека нема потреба од никакви промени во најсилниот национален тим.
„Фудбалската федерација на Македонија и А-репрезентацијата се институции. Носењето одлуки во едни такви институции не може да биде под емоции. Мора секогаш да се носат одлуки без емоции и кои се разумни. Факт е дека во одреден период имавме одредени лоши игри и резултати. Од фудбалски аспект тоа е разбирливо затоа што имавме период во кој една генерација која се пласираше на ЕП 2020 доживеа зенит, се откажа од репрезентацијата лидерот и капитен Горан Пандев, а потоа некои наши клучни играчи променија клупски средини и од стандардни првотимци се доведоа во ситуација да бидат повеќе резерви отколку да играат, и сето тоа се рефлектираше и на игрите во репрезентацијата. Но, за волја на вистината последниот период имавме во серија добри резултати, без разлика на јачината на противниците, затоа што ние не сме во состојба да си се прогласиме за светска велесила. Завршивме први во Лигата на нациите со пласман во повисок ранг, сега не очекуваат квалификации за СП, и на два-три месеци пред почеток на квалификации било каква промена во А-репрезентација е нефудбалски потег кој може само да му нанесе штета на репрезентативниот фудбал и директно на националниот тим. Јас длабоко верувам во оваа генерација фудбалери и навистина треба да се даде вистинска шанса. Селекторот Милевски е тој кој со нив ги постигна овие резултати, и тоа што е значајно за сите нас е да им дадеме поддршка и да се обидиниме околу репрезентацијата затоа што таа е нашиот амбасадор кој не претставува пред светот. Затоа било која одлука која се носи околу А-репрезентацијата треба да биде издржана и врз основа на реалната состојба“.
Дали се размислува организацијата на домашните натпреварувања, како што е случај во поголемите европски земји, да се додели на Здружение на клубови кое би биле партнер на ФФМ, или организацијата на лигите останува под капата на Фудбалската федерација?
„Организацијата на домашните натпреварувања ќе си остане под капата на Фудбалската федерација на Македонија. И во минатото имаше серија обиди за формирање некакво здружение на прволигаши, но секогаш завршуваше на неславен начин поради разните ривалитети меѓу клубовите. ФФМ продолжува со организацијата на овие натпреварувања со акцент, сега, за зголемување на безбедноста, со акцент за намалување на навивачките вулгарности на терените кон кои ќе бидеме максимално ригорозни, како би привлекле што поголем број навивачи на стадионите. Ќе се стави акцент и на подобрување на судењето со новите промени во Судиската комисија, а од сезоната 2025/26 со воведувањето на ВАР-системот да се креира атмосфера на максимална коректност на терените за сите клубови, за сите оние инвеститори и сопственици на клубови да бидат сигурни дека ќе имаат секогаш до крај фер услови за натпревар“.
Најавениот спонзор на Првата лига е потег за поздравување, а дали во иднина се размислува и за воведување парична награда за шампионот, како и дополнително заострување на критериумите за клубовите за организација на натпревари како до крај би се професионализирале.
„Желбата е да се донесе официјален спонзор на лигата од аспект на олеснување на клубовите околу исплата на неопходната котизација, за да се покријат трошоците за судиските и делегатските такси. А, од друга страна сакаме да ја зголемиме таксата за исплата на судиите, затоа што подолго време веќе нема интерес за судии, бидејќи на крајот на денот се се сведува околу финансиите. Сакаме да се мотивираат млади лица, па со една добра селекција и едукација да добиеме квалитетни судии во иднина“.
ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА ВАР-СИСТЕМОТ ОД СЕЗОНАТА 2025/26
Има ли доволно и кадровски и технички капацитет, но и продукциски, ФФМ да го воведе ВАР-системот согласно посакувањата од сезоната 2025/26?
„Почнуваме од нула што се однесува до ВАР-ситуацијата, затоа што досега во ФФМ немало никакви активности на оваа тема. Ние, заедно со Црна Гора, и Шведска која не сака да го воведе ВАР-системот, сме единствените во Европа кои не го имплементирале овој систем. Ние сега почнуваме од нула, па веднаш Управниот одбор формираше координативно тело на чело со Дејан Јакимовски, и во кое се поранешни судии со знакот на ФИФА, кое ќе ја има целосната поддршка од ФФМ да ја спроведат акцијата за воведување на ВАР-системот. Наредниот период ќе се утврди системот по кој ќе функционираме, ќе следат неколку месеци за обуки и техничка организација и искрено се надевам дека на време ќе почнеме со ВАР од почетокот на следната сезона“.
Домашните клубови имаа сериозни забелешки до Министерството за спорт околу распределбата на финансиите преку ваучер-системот. Фудбалот не го доби третманот кој го заслужува. Мислите ли дека има простор во иднина да се разговара и државата да ја зголеми поддршката за фудбалот?
„Нормално како прв човек на ФФМ, една од моите должности е да помогнам или олеснам сите потреби на клубовите да се реализираат. На оваа тема ќе закажеме состанок и со Министерот за спорт, Борко Ристовски, и ќе се обидеме да најдеме заеднички јазик, што би било на општо задоволство на сите. Исто така пред почетокот на пролетниот дел од сезоната планирам одржување состаноци со домашните прволигаши и второлигаши и да разговараме за сите нивни потреби и барања, и се што е во домен на федерацијата да биде исполнето“.
Не е тајна размислувањето во државните институции дека ФФМ е и во тоа како завидна финансиска состојба, па нема потреба за евентуална државна интервенција во фудбалот.
„Како и за многу прашања, и за ова прашање околу финансиите на ФФМ, во Македонија се создава некаква фама. Точно е дека има приходи затоа што буџетот се полни од донациите и проектите на УЕФА и ФИФА, но и трошоците се огромни. Само едно гостување на А-репрезентација е со повеќе од стотина илјади евра, а тука се и младите селекции, плус постојаните трошоци и инвестиции околу инфраструктурата. Инвестицискиот циклус кој следи од УЕФА за период од 2024 до 2028 веќе е затворен. Јас нагласив дека ќе бидам максимално транспарентен, ќе следат ревизии и финансиски извештаи кои ќе ги презентираме пред јавност, и сиот оној вишок од финансиски средства ќе биде вратен преку вложување во инфраструктурата. И на самото Собрание нагласив дека јас повеќе преферирам повеќе да градиме терени, отколку трибини, затоа што на терен се станува фудбалер. Акцентот за време на мојот мандат ќе биде ставен на терените и фудбалска опрема, затоа што тоа е единствен начин и за подигнување на квалитетот на фудбалската игра, развојот на младите фудбалери со интенција за наше домашно фудбалско производство“.
ТРЕБА ДА БИДЕМЕ РЕАЛНИ КОГА СЕ ВО ПРАШАЊЕ ОЧЕКУВАЊАТА ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, СИЛНО ВЕРУВАМ ВО ОВОЈ СТРУЧЕН ШТАБ И ВО РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ
Какви се шансите на Македонија, во актуелната квалификациска група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн, за пласман на СП 2026?
„Ако ги прашаме навивачите тие веднаш ќе кажат дека ние сме фаворити. Но, ако лично како поранешен фудбалер искажам мое мислење, тогаш може да кажам дека во денешниот фудбал не постојат фаворити на ниту еден натпревар. Секој може да изненади секого. Во нашата група, исто така, секој може да победи секого. Дури и Белгија не може да се каже дека е некој екстремен фаворит, затоа што е во некоја резултатска криза. Велс е една навистина незгодна селекција во која 90% од репрезентативците играат во Премиерлигата. Казахстан има добар напредок и квалитетна селекција, а Лихтенштајн не смее да се потцени. Ние не сме во позиција да се закануваме на било кого, но не доаѓа во предвид да му се предадеме и на било кого без борба. Наше е да бидеме сложни, да се создаде позитивна атмосфера и да им дадеме максимална поддршка и на селекторот, и на момците, и на сите кои се поврзани со селекцијата и мислам дека нема да не изневерат. А не треба да се создава еуфорија, затоа што историјата ни покажала дека ние најдобрите резултати ги постигнуваме кога не се очекува тоа од нас, а противниците не потценуваат. Јас длабоко верувам во стручниот штаб и во репрезентативците, но не сум за тоа да се создава вештачка еуфорија“.
Со Вашето доаѓање во Фудбалската федерација на Македонија се вратија фудбалски имиња како Пандев, Најдоски, Христов, Ибраими… Беше ли тешко да се соберат фудбалски имиња кои се подготвени да помогнат во работата на ФФМ?
„Искрено воопшто не беше тешко, затоа што сите размислуваме исто, затоа што сите се знаеме долги години и затоа што сите имаме една иста цел – подобар фудбал. Сите овие личности, секој во своето време, оставиле огромен траг во фудбалот. Извонредни личности, прекрасни карактери, финансиски ситуирани, кои не сакаат ништо за себе, а подготвени да му помогнат на фудбалот. Долго сме комуницирале на темата македонски фудбал, и бевме, да бидам искрен, малку разочарани од некои резултати на младите селекции. Македонија никогаш не била за потценување во европски рамки, ни за време на Југославија, ниту низ годините на осамостојувањето, нити на почетокот од овој век. Во тој период го немаше овој променет систем на УЕФА преку Лига нации и баражи за пласман на големите натпреварувања. Доколку го имаше и претходно јас гарантирам дека Македонија ќе имаше уште две-три учества на светски и европски првенства, како што го доби тоа преку Лигата на нации со пласманот на ЕП 2020, систем на УЕФА кој овозможи и на помалите да почувствуваат големо натпреварување. Би сакал само за време на мојот мандат да дојдеме до остварување уште еднаш на тој сон. Дај боже да биде пласман на светско првенство, но нека биде и европско, само да го оствариме сонот на нацијата и сите кои го сакаат фудбалот да бидат позади ФФМ и репрезентацијата“.
Помошта од државата е неопходна за подобрување на фудбалската инфраструктура. Дали тоа ќе е и еден од приоритетите во водењето на федерацијата наредниот период?
„Тоа е една природна поврзаност. Затоа што вие како Фудбалска федерација, секако во соработка со ФИФА и УЕФА, и да сакате да инвестирате мора да имате неизбежна комуникација со државните институции кои ги подготвуваат урбанистичките планови согласно законските прописи. Значи неопходна е максимална соработка и со локалните самоуправи и со Владата. Само така ќе може заеднички да помогнеме за подобрување на домашната фудбалска инфраструктура што е секако важен сегмент за развојот на фудбалот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА