Италијанската репрезентација се подготвува за големото финале против Англија што ќе се игра в недела на „Вембли“, но во меѓувреме медиумите на Апенинскиот полуостров предупредуваат дека Англичаните би можеле да имаат сериозна судиска помош во мечот за европскиот фудбалски трон.
Поводот е јасен – непостоечкиот пенал што Англичаните го добија на синоќешното полуфинале против Данска, што беше доволно за Италијанците да почнат со сопствена теорија на заговор. Според весникот „Газета дело спорт“, пеналот за стартот над Стерлинг е подарок од УЕФА за британскиот премиер Борис Џонсон поради неговата улога во гасењето на идејата за Супер-лигата на Европа.
Овој проект пропадна откако англиските клубови се повлекоа од него, за што според италијанските медиуми постоел силен притисок од страна на Џонсон и британските власти.
„Италијанци, внимавајте – Англија има политички ветер во грб на ова финале“, пишува „Газета дело спорт“, по што во текстот продолжува „Тоа беше крајно сомнителен пенал што овозможи да биде победена Данска. Со него, само се потврдуваат сомнежите дека УЕФА на ова првенство ќе му ја врати услугата на Борис Џонсон, на кого се гледа како на спаситле на европскиот фудбал по начинот на кој влијаеше на распадот на Супер-лигата“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА