Македонскиот одбојкарски репрезентативец Јовица Симовски продолжува со извонредните настапи во дресот на Ајачио, носејќи ја својата екипа до нов трофеј на силната француска одбојкарска сцена. Ајачио во синоќешното финале го одбрани трофејот во Купот на Франција, стигнувајќи до својата втората титула во ова натпреварување. Симовски и соиграчите за ривал го имаа силниот тим на Нант, но Ајачио одигра фантастичен меч и заслужено стигна до победа од максимални 3-0 во сетови.
Нант посериозно парираше само во првиот сет, во кој освои 23 поени, за во следните два сета Ајачио да слави со 25-20 и со 25-18 за заслужена радост на македонскиот ас и неговите тимски колеги. Симовски беше во елемент, па со 16 поени (12 во напад и 4 ас-сервиси) беше еден од најзаслужните за овој голем успех на својот клуб.
За Македонецот ова е трет трофеј со тимот на Ајачио, откако на почетокот од сезонава триумфираше и во Супер-купот на Франција, а следен предизвик за Симовски е атак на што подобар пласман во француското првенство, каде Ајачио моментно се наоѓа на петтата позиција на табелата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА