Македонските каратисти членови на скопски Макпетрол од денеска учествуваат на најпрестижниот турнир од Светската 1 Премиер карате Лига во Ротердам, Холандија, организиран од странa на Светската Kарате Федерација (WKF).
На натпреварот ќе учествуваат 1258 каратист(к)и од 73 земји од светот.
„Во Ротердам заминуваме со сениорскиот состав од нашиот клуб. Како што знаете комплетната сениорска репрезентација на Македонија во дисциплината борби составена е претежно од девојките на Макпетрол. Овој турнир за нас има два приоритета. Прво тој е критериумски за влез во националната репрезентација и истовремено преставува и најдобра контрола за нашите каратисти кои се подготвуваат за Европското сениорско првенство кое ќе се одржи во месец мај во Турција. Се надеваме на добро преставување во директна борба со сите најдобри каратисти од целиот свет. Конкуренцијата во Ротердам ќе биде на највисоко можно ниво. Сите тежински категории се преполни со најдобри каратисти. Само како податок во категорија -75 кг за мажи има пријавено 153 сениори. Светската карате федерација овие турнири ги озваничи со многу висок коефициент кои изнесува (5). Европските првенства имаат коефициент (6). Тоа значи ако си прв во Европа ќе добиеш 600 бода, а прво место од Ротердам носи 500 бода на ранг листата на Светската карате федерација“ – вели тренерот на Макпетрол, Бошко Заборски.
Од Карате клубот Макпетрол за Ротердам заминаа девет каратист(к)и кои ќе настапат во дисциплината борби поединечно во тежински категории: Симона Заборска (категорија борби -55 кг), Моника Пендаровска (-55 кг), Наташа Стефановска (-61 кг), Анамарија Несторовска (-61 кг), Моника Стефановска (-68 кг), Анѓела Мојсовска (-68 кг), Селена Таушанова (+68 кг), Петар Заборскаи (-75 кг) и Халит Османи (-75 кг).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА