Корона-хаос и во кошарката: И МЗТ и ФМП се позитивни на Covid-19

Кошаркарската сезона во Македонија би можела дополнително да биде одложена по најновите случаи на Covid-19 во уште две екипи од елитното друштво, МЗТ Скопје и Академија ФМП, дознава ЕКИПА. Предвидениот старт на 3 октомври беше поместен за една седмица поради коронавирусот во редовите на Работнички, но ситуацијата сега дополнително се компликува откако уште два тима имаат членови позитивни на Covid-19.

Во таборот на МЗТ Скопје не станува збор за кошаркар, туку за член на стручниот штаб, но сите играчи на „металците“ моментно се во самоизолација. Целокупниот тим на МЗТ ќе биде тестиран во текот на утрешниот ден, а откажан е и закажаниот натпревар против Гостивар. Што се однесува до ФМП, туку позитивниот случај се однесува на играч на прволигашот од Кисела Вода, чии подготовки за стартот на сезоната исто така се сериозно нарушени.

Во изгласаниот протокол на последната средба на Здружението на прволигаши беше договорено доколку клубовите имаат до тројца позитивни играчи тие да се сметаат за повредени, а сезоната да продолжи. Доколку пак во некој клуб се појават минимум четири позитивни случаи, тоа ќе значи и автоматски прекин на кошаркарскиот шампионат.

Се вчитува...