Крстевски: Го вративме фокусот на домашното првенство па си дојдоа победите

МЗТ Скопје на доминантен начин се пласираше во полуфиналето од разигрувањето за титула. Аеродромци по поразот од ТФТ во првото коло од Суперлигата успеаја да ги консолидираат своите редови, да заиграат на претпознатливото ниво во нападот и одбранта и со серија од девет победи едно по друго да го осигураат првото место на табелата кое носи и предност од домашен терен во целиот плеј-оф.

Тренерот Александар Петровиќ одлично ги изменаџира и минутите на паркетот, го воведе и Бре Ајви во системот па го неутрализираше падот во играта кој беше присутен по заминувањето на Дастин Вер. Покрај тоа како причина за одличната серија Бојан Крстевски го гледа и играњето на еден фронт по успешниот финален турнир на АБА2.

„Можам да кажам дека со завршување на АБА лигата фокусот го префрливме на домашното првенство и тоа е една од причините за овие резултати во Суперлигата. Нормално е да се има подеми и падови кога се игра на два фронта, а целта е да се биде прв, исто така беше потребно и малку време да се адаптираме на новиот тренер како и неколку играчки ротации што се случија изминатиот период“, вели крилниот центар за ЕКИПА.

Во фантастичната серија МЗТ Скопје два пати славеше и над главниот конкурент за титула, Пелситер притоа лимитирајќи го битолскиот состав под 80 постигнати поени.

„Пелситер е одлична екипа која не совлада во неколку наврати сезонава, но во овие натпревари одигравме доста квалитетно во одбраната пред се и на тоа се должеа победите“, додава Крстевски.

За противник МЗТ Скопје во полуфиналето ќе го има ТФТ кој оваа сезона веќе го сопре „сино-белиот“ состав во одбрана на трофејот во Купот на Македонија.

„Сега на ред е завршницата и полуфиналето со ТФТ, доста незгодна екипа која игра брза кошарка. Но, искуството во овие натпревари и квалитетот е на наша страна како и поголемата ротација. Очекувам цврста игра и пласман во финалето“, завршува кошаркарот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...