Македонија по 22 години, конечно, повторно со Министерство за спорт

Со усвоените законски измени синоќа во македонското Собрание, Македонија на задоволството на комплетната домашна спортска јавност конечно го врати Министерството за спорт.

Со законските измени во новата македонска Влада ќе партиципираат 20 министерства, од кои повторно, на место досегашната Агенција за млади и спорт, која се грижеше за домашниот спорт, повторно се враќа Министерството за спорт кое беше укинато во 2002 година.

Безмалку едногласно, домашната стручна спортска јавност, спортистите но и сите инволвирани директно и индиректно во спортот, од поодамна иницираа враќање на Министерството за спорт како клучен момент кој може да допринесе за враќање на спортот на пиедестал на кој заслужува да биде.

„Факт е дека на тој начин, посуштински и подетално од сите аспекти (спортски, кадровски, институционален, нормативен и економски) спортот ќе биде многу повеќе професионално организиран и со силна професионална спортска администрација обучена за таа намена, би успеал да се оддолжи на државата со конкретни спортски резултати, како на репрезентативен, така и на клупски план, како најголемиот амбасадор на земјата“ – сметаат домашните стручњаци од облоста на спортот.

Се очекува во Министерството да функционираат пооделни сектори: за професионален спорт, за масовен или рекреативен спорт и сектор задолжен за развојниот или младински спорт, со што комплетно би се опфатиле сите неопходни области на кои се темели спортот и спортската активност.

Се вчитува...