Македонскиот првак со потежок пат во ЛШ, но ќе добие втора шанса во Лига Европа

Македонскиот фудбалски првак од следната сезона ќе има потежок пат за пласман до групите во Лигата на шампионите, но елиминација ќе значи и автоматско продолжување во квалификациите за Лигата на Европа. Шампионот на нашата земја отсега ќе ги стартува квалификациите во ЛШ од првата рунда, но и доколку биде елиминиран, ќе продолжи во второто квалификациско коло од Лигата на Европа. Освен Вардар, кој беше прв македонски првак кој лани по една деценија за првпат направи исчекор, сите останати македонски шампиони завршуваа „во бунар“ по само еден настап. Со новиот формат на УЕФА за Лигата на шампионите, македонскиот првак сега ќе добие втора шанса и во Лигата на Европа, и доколку биде елиминиран на стартот.

Направени се пет клучни промени во системот на натпреварување во ЛШ. Вкупно 26 тимови обезбедуваат директен пласман во Лигата на шампионите. Тука најголем бенефит добија четирите најквалитетни лиги, Англија, Италија, Германија и Шпанија, кои ќе имаат по четири директни учесници. Франција и Русија добија по две директни места, а Португалија, Украина, Белгија и Турција по едно. Вкупниот број до 26 го пополнуваат и победниците на претходната сезона во ЛШ и во ЛЕ, а за шест преостанати места ќе се борат условно „помалите клубови“ низ квалификациите.

Сепак, секој елиминиран тим, за разлика од досега, ќе добие нова шанса и ќе го продолжи натпреварувањето во квалификациите за Лигата на Европа.

Форматот на групната фаза на ЛШ нема да биде променет, но ќе има промени во термините за двете натпреварувања. Саатниците се 18.55 часот и 21 часот.

Се вчитува...