Конор Мекгрегор и Флојд Мејведер во Лас Вегас ќе ги одмерат силите во големиот боксерски меч. Големиот спектакл подготвуван и најавуван со месеци ќе се одржи вечерва во Лас Вегас, а почетокот на мечот е утре наутро во 5 часот по средноевропско време.
„Борбата на векот“ како што многумина го нарекуваат овој дуел меѓу боксерската ѕвеѕда Флојде Мевједер и ММА ѕвездата Конор Мекгрегор, на двајцата ќе им донесе по стотина милиони долари заработувачка. Дуелот ќе се пренесува низ целиот свет и се очекува да урне бројни рекорди по гледаност.
Пензионираниот Флојд Мејведер поради оваа борба реши повторно да се врати во рингот и да остане непоразен и во јубилејниот 50.меч колку и да е тој егзибициски. На спротивната страна ќе биде УФЦ шампионот во две категории, Конор Мекгрегор. Ирецот е во животна форма и решен е да докаже дека тој е главната ѕвезда во овој спектакл.
Мејведер и Мекгрегор често беа во судир и на промотивните настапи пред мечот, а тоа не изостана ни на официјалното мерење пред вечерашниот дуел.
Мечот е договорен на 12 рунди на тежина од 69.5 килограми, Мекгрегор на вагата имаше 69,4, а Мејведер 68 килограми. Ирецот по мерењето му се внесе во лице на својот противник и се обиде да предизвика реакција кај него, но Американецот само ладно го гледаше и не му возврати со ниеден збор.
„Ќе прелетам низ него. Јас сум професионалец. Подготвен сум, во вистинска тежина сум. Ќе бидам многу поголем од него. Гледам човек што се плаши, и вие ќе го видите тоа утре“ – порача Мекгрегор.
И покрај „чаламот“ на Мекгрегор, на обложувалниците Мејведер важи за голем фаворит во овој боксерски спектакл. Но, има и голем број фанови и стручњаци кои веруваат дека Мекгрегор во својот прв професионален боксерски меч може да го порази непоразениот шампион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА