Милевски со многу „главоболки“ за септемврискиот собир: Агон Елези од Вараждин добива повик во репрезентацијата!

Македонскиот селектор Благоја Милевски очигледно со многу проблеми ќе го очекува септемврискиот собир за последните два натпревари од Ц-лигата на УЕФА Лигата на нациите против Грузија во Тбилиси и против Бугарија во Скопје. Поголемиот дел од незаменливите македонски репрезентативци се уште се без клубови, дел се целосно без минутажа, дел повредени и само Столе Димитриевски, Стефан Ристовски, Енис Барди, Езгијан Алиоски, Аријан Адеми и Бојан Миовски единствено континуирано стандардни во своите клубови.

И тоа како сериозни проблеми околу креирање на средниот ред има Милевски, ако се знае дека единствено Енис Барди и Аријан Адеми се стандардни во своите клубови на почетокот од сезоната. Од досегашните стандардни репрезентативци Бобан Николов и Стефан Спировски се уште се без клубови, повеќе од три месеци надвор од фудбалот, Тихомир Костадинов е повреден и повторно нема да биде во комбинација, Давид Бабунски е без минутажа префрлен во Б-тимот на унгарски Дебрецин а Елиф Елмас е со се помала минутажа во редовите на Наполи.

Токму поради тоа веќе во фокусот се неколку нови млади фудбалери, па за септемврискиот собир деби-повик во А-репрезентацијата се очекува да има за досегашниот младински репрезентативец Агон Елези кој сезонава е стандарден во дресот на хрватскиот прволигаш Вараждин.

Не помали се и проблемите во дефанзивната линија ако се знае дека Дарко Велковски, е исто така три месеци надвор од фудбалот очекувајќи промоција во новиот клуб, Кире Ристевски е без клуб по разделбата со АЕЛ Лимасол, Никола Серафимов е повреден, а Висар Муслиу и покрај желбата за посилна лига остана во германскиот третолигаш Ингелштад. Тодор Тодоровски пред само неколку дена се пресели во Азербејџан, а Стефан Ашковски чека промоција во новиот клуб Ламиа во Грција.

Во нападот единствено Бојан Миовски игра во натпреварувачка форма во редовите на шкотски Абердин. Милан Ристовски на стартот од сезоната ја нема минутажата од минатата сезона во словачка Спартак Трнава, Ердон Даци е повреден, Александар Трајковски го очекува стартот на сезоната во Саудиска Арабија, а Доријан Бабунски е преселен на клупата во Дебрецин.

Македонија во последните два натпревари од Лигата на Нации на 23. септември гостува на Грузија во Тбилиси, а на 26. септември ќе игра против Бугарија во Скопје.

Се вчитува...