МЗТ 2 се отпиша со стил: „Плус“ 30 против Куманово за крај на прволигашката бајка

МЗТ Скопје 2 со убедлива победа над Куманово од 94-64 се отпиша од прволигашкото друштво. Проектот на МЗТ Скопје кој три години помина во „елитата“ на македонската кошарка не успеа да го задржи местото меѓу најдобрите тимови и за следната сезона, но талентираните играчи имаа што да покажат во последниот меч сезонава.

Турболентната сезона на Куманово се одрази и денеска па тимот настапи со само три стандардни кошаркари, а убедливиот пораз се наговести од самиот почеток. МЗТ Скопје 2 го отвори мечот со серија од 10-0, а продолжи во иста мера и по првите поени на гостите па по првата четвртина имаше предност од 33-15. Домаќините предноста ја задржаа до самиот крај на мечот, притоа во второто полувреме дополнувајќи ја за најубедливиот триумф во елитното друштво.

Со 20 поени, 5 скока и 5 асистенции лидер на домашниот тим беше Максим Митевски, додека него го следеа Лука Петровски со 15 поени, 6 скока и 5 асистенции, Андреј Андоновски и Никола Василевски со по 14 поени на кои додадоа и по пет скока, а двоцифрени беа и Настовски со 12 поени и 8 скока и Блажевски со 11 поени и 3 скока. Кај Куманово дабл-дабл од 23 поени и 13 скока забележа Стеван Глигоријевиќ, 19 поени и 6 скока запиша Димовски, додека со 12 поени мечот го заврши Јовановиќ.

Се вчитува...