МЗТ не запира – нова двоцифрена победа за доминација пред плејофот

Победничката серија на МЗТ Скопје во Супер-лигата продолжи и на денешното гостување во Гостивар, на кое актуелниот првак славеше со резултат 72-85. Овој дуел беше одигран во празна сала поради изречената казна за гостиварци по инцидентите на дуелот со Пелистер, и без поддршка на навивачите домашниот тим одигра солидно во голем дел од мечот, но со само седум играчи во ротацијата (осмиот Стојаноски одигра само две минути) не можеше да го земе скалпот на големиот фаворит. Ова беше шести двоцифрен триумф во низа за МЗТ, кој со формата што ја покажува се наметнува како голем фаворит за шампионскиот трофеј.

Првата четвртина мина во беспрекорна игра во нападот на Гостивар, десет минути во кои домашниот тим постигна фантастични 30 поени. Во главна улога беше центарот Силаџи, кој реализираше дури 15 поени и го предводеше својот тим до водството од 30-25. МЗТ ја консолидираше одбраната во втората четвртина, тоа веднаш донесе пресврт и водство од 40-48, но Гостивар заигра нешто подобро во финишот од полувреме и на одмор се замина со водство на аеродромци од 45-48.

Третата четвртина почна фуриозно за МЗТ, откако избраниците на Александар Петровиќ погодија три тројки во серија (две на Дамјан Стојановски, една на Николов) и стигнаа до најубедливи 49-63. Гостивар се врати, успеа да внесе мала неизвесност приближувајќи се до „минус пет“ на четири минути до крајот, но браќата Стојановски реализираа три клучни напади за МЗТ, за аеродромци на крајот да слават со конечни 13 поени разлика.

Пет кошаркари на МЗТ стигнаа до двоцифрен ефект, најефикасни беа Рикиќ и Војдан Стојановски со по 16 поени, додека Николов постигна 15 поени. Силаџи со 25 поени и 11 скокови беше главна фигура во таборот на Гостивар, а одлична игра прикажа и Јанески, кој реализираше 18 поени и осум скокови.

Се вчитува...