МЗТ Скопје ита кон врвот – преку Феникс 2010 до седмата победа во низа

МЗТ Скопје стигна до седмата победа во низа во Суперлигата откако на домашен терен славеше со 92-68 против Феникс 2010. Аеродромци кои важеа за апсолутен фаворит на мечот фаворитската улога ја оправдаа умешно користејки ја предноста од подолга клупа, а во прилог на десеткуваниот млад состав не беа ниту повредите на Павле Михајлоски во првата и Марин Петков во третата четвртина.

Агресивната одбрана и брзиот ритам на игра во нападот однесе лесни поени за МЗТ Скопје на отварањето на натпреварот па домаќинот рано стигна до комотна предност, но Феникс 2010 навремено ги консолидираше своите редови. Новајлијата возврати со агресивна одбрана, стигна и до украдени топки па ја врати и резултатската неизвесност. Сепак завршницата на првата четвртина им припадна на аеродромци кои ја искористија ширината на клупата, успеаја да врзат поени и зад линијата 6,75 па поведоа со 24-17. Добриот моментум на ‘сино-белите’ продолжи и на отварањето на вторите десет минути за првата двоцифрена предност, но ‘виолетово-жолтите’ повторно пружија одличен отпор во одбраната. Го приморија противникот на изгубени топки и тешки обиди па ја преполовија предноста, а имаа и шанси за дополнително смалување на истата, но не успеаја да одговорат на агресивната одбрана на МЗТ Скопје. Искусниот домашен состав знаеше тоа да го искористи, во ритам влегоа браќата Стојановски па предноста се искачи на 42-26, но завршницата на првото полувреме му припадна на Феникс кој преку Стојановски, Митревски и Петков најде решение во нападот па намали на 50-40.

Отварањето на второто полувреме не донесе промени на паркетот. МЗТ Скопје продолжи со агресивната одбрана со која го наруши напаѓачот ритам на Феникс 2010, беше расположен и во реализацијата во нападот па ја зголеми предноста на 62-40, а и покрај тоа што гостите заиграа подобро по тајм-аутот на Дервишевиќ на двата дела од теренот, искусниот состав на Петровиќ го заштити рекетот, го задржа и ритамот во нападот до самиот крај на третата четвртина за позитива од 74-54. Во последните десет минути двата тима дадоа шанса и на најмладите кошаркари во тимот, a предноста на актуелниот шампион до крајот се зголеми до конечните „плус 24“.

Ајви со 16 поени беше најефикасен во таборот на МЗТ, Рикиќ оствари дабл-дабл од 15 поени и 14 скокови, додека Војдан Стојановски реализираше 14 поени за победничкиот тим. Кај Феникс, најефикасни при денешниот пораз беа Стојановски со 22 и Петков со 15 поени.

Се вчитува...