МЗТ Скопје се пофали со капитална инвестиција на спортскиот центар „Ново Лисиче“

МЗТ Скопје Аеродром се пофали со новата инвестиција, модернизирање и средување на спортскиот центар „Ново Лисиче“ односно популарната „Дупка“ – и тоа со сопствени средства.

Станува збор за спортски објект кој, меѓу другото, се користи како тренинг центар и сала за официјални натпревари на младинските селекции на нашиот клуб. Со цел талентите од нашата младинска школа, но и сите останати спортски вљубеници во општина Аеродром, да имаат најдобри можни услови за работа, предводниците на МЗТ Скопје Аеродром вложија голем напор и обезбедија средства за реновирање на салата за тренинзи и натпревари, како и на соблекувалната и на теретаната.

„Уште при моето доаѓање на чело на управата на клубот реков дека паралелно со борбата за најдобри можни спортски резултати и освојување трофеи, еден од приоритетите ќе ми биде и кревањето на младинската школа на највисоко можно ниво и обезбедување идеални услови за работа не само на сегашните генерации туку и на многу други кои ќе дојдат по нив. Реновирање и модернизација на СЦ ‘Ново Лисиче“ е еден од проектите во кој, заедно со Огнен Стојановски, координаторот на младинската школа и прв човек на вториот тим, вложивме најголем труд, со цел општината Аеродром да има во владение спортски објект со кој може да се гордее. Добиваме своевиден кошаркарски храм, кој ги исполнува сите светски стандарди за работа на младинските категории, на кој само може да ни завидуваат другите. Уверен сум дека со вакви одлични услови, само ќе го зголемиме производството на квалитетни кошаркари, со цел МЗТ Скопје Аеродром да биде тоа што и треба да биде, а и што го заслужува – расадник на најдоброто со што македонската кошарка може да се пофали“, вели Тони Грнчаров, извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром.

Салата е варосана, а воедно е промената целата инсталација во неа, со цел да биде максимално безбедна од секој апсект, за нејзино безгрижно користење на децата кои се наша иднина. Променети се светлечките рефлектори со со нови ЛЕД-светла, кои даваат подобра светлина, а кои воедно носат поголема заштеда на електрична енергија. А, решен е и најголемиот проблем, пред сѐ за родителите и останатите вљубеници во кошарката, а тоа е поставување мини-трибини на кои тие во иднина би можеле да седат додека ги следат тренинзите односно натпреварите.

Соблекувалната, пак, е реновирана според стандардите на најголемите европски и светски клубови, со обележја со цитати како и со логовци на нашиот клуб. Теретаната, пак, е максимално модернизирана, а дел од справите се заменети со нови и модерни реквизити, кои ги исполнуваат барањата за тренирање според најновите светски стандарди. Исто така и таа е варосана и средена како нова, со цел нашите млади кошаркари да не се чувствуваат ништо полошо од што би се чувствувале во најмодерните вакви центри не само во градот и државата, туку и пошироко.

Во склоп на тоа, како следен чекор, е промената на подлогата во салата, што е сериозен зафат, кој МЗТ Скопје Аеродром ќе го направи во соработка со општина Аеродром, а што ќе биде реализирано по донесувањето на новиот ребаланс на општинскиот буџет кон крајот на годината. Сето ова треба да биде само почеток на инвестицијата што ја планираме во овој спортски центар, кој во иднина треба да биде своевидно светилиште на сите на кои сино-белата боја им е при срцето, но и на сите останати места каде што тренираат нашите најталентираните кошаркари, бидејќи сѐ што прави клубот е за нив и за генерациите кои понатаму ќе доаѓаат.

Се вчитува...