Наполи го совлада Ајакс, Елмас и другарите веќе во 1/8 финале, Бриж издржа во Мадрид (ВИДЕО)

Наполи со четвртата победа во низа во Лигата на шампионите, обезбеди пласман во 1/8 финалето во најелитното европско натпреварување. Вечерва во Неапол „падна“ тимот на Ајакс, кој иако на два пати се врати во игра за добар резултат, сепак, на крајот загуби со 4-2.

Наполи имаше предност од 2-0 уште по 16 минути игра. Лозано во 4. минута, и Распадори 12 минути подоцна го донесоа италијанскиот тим во солидна предност. Во вториот дел на 2-1 намали Класен во 49. минута кој со глава погоди во мрежата. Кварацхелија во 62. минута од белата точка повторно го донесе Наполи на +2. Во 83. минута пенал за Ајакс кој во гол го претвори Бергвајн, за во 90. минута Осимен ги постави конечните 4-2.

Елиф Елмас доби можност во 77. минута да влезе во игра на местото на Кварацхелија.

Атлетико Мадрид не го скрши отпорот на Бриж во Мадрид, и си ја загорчи судбината во групата. Бриж, пак, после трите победи по ред и натаму е непоразен во ЛШ. Бриж последните десетина минути играше со играч помалку, но и тоа не му помогна на тимот на Симеоне да дојде до триумф. Со овој бод тимот на Бриж исто така обезбеди пласман во 1/8 финалето.

Се вчитува...