Одлични најави од Србија: Симаниќ пак ќе игра кошарка

Докторот на кошаркарската репрезентација на Србија, Драган Радовановиќ, во гостувањето на Н1 телевизија обелодени убава вест – состојбата на Бориша Симаниќ значително се подобрува и големи се шансите овој кошаркар да може да ја продолжи спортската кариера.

За потсетување, Симаниќ настрада при еден дуел на мечот со Јужен Судан, по што состојбата му се искомпликува и мораше да му биде изведен еден бубрег од организмот. Сепак, Радовановиќ обелодени дека последните тестови над крилниот кошаркар дале охрабрувачки резултати.

„Симаниќ не е веќе во болница, отиде на домашно лекување. Завршните тестирања беа направени, се наоѓа во добра состојба и искрено верувам дека опоравувањето ќе му продолжи во позитивен правец, дека на крајот ќе се врати на спортот, дека пак ќе игра кошарка, што би било прекрасно. Постојат оптимистички податоци за функционирањето на вториот бубрег, а Бориша е здрав, млад и силен човек. Сите негови механизми за опоравување се во полн капацитет, затоа и сум оптимисти дека тој ќе ги надмине сите овие проблеми“, изјави Доктор Драган Радовановиќ.

Се вчитува...