Репрезентацијата на Хрватска беше поразена вечерва од Шпанија со 5-3 во мечот од осминафиналето на Европското првенство. Хрватска и Шпанија одиграа навистина неверојатен натпревар на стадионот „Паркен“ во Копенхаген, а на крајот „Црвената фурија“ победи по продолженијата и обезбеди пласман во следната фаза.
Шпанците водеа со 3-1, но во последните 20. минути Хрватска стигна до неверојатно реми со кое обезбеди продолженија од 15 минути.
Тренерот на „коцкестите“, Далиќ во игра го внесе Мислав Оршиќ, кој создаде пресврт. Тој најпрво погоди за 3-2, а потоа во 92. минута му асистираше на Пашалиќ за 3-3. По испаѓањето од Европското првенство, Орчиќ прв се појави пред хрватските новинари, кои потенцираа дека заслужува многу поголема шанса на Евро.
“Како прво, би сакал да им се заблагодарам на нашите навивачи кои дојдоа да не поддржат во толкав голем број. Хрватска ја покажа својата големина, иако кон крајот на натпреварот паднавме, а Шпанија ја искористи секоја шанса и заслужено победи. Не успеавме да постигнеме гол кога играта се кршеше, но што е, тука е. Тешко е да се зборува за тоа сега”, изјави Оршиќ.
Шпанија во четвртфиналето ќе игра против победникот на вечерашниот натпревар помеѓу Франција и Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА