Освоена и Гевгелија: Работнички гази се пред себе во мак-баскетот

Работнички продолжува со извонредни игри од стартот на сезонава откако „центарци“ и во третиот дерби-дуел успеаја да стигнат до цел плен, овојпат на гостувањето против Кожув со убедливи 84-95. Охрабрени по победите над МЗТ Скопје и над Гостивар, избраниците на Мираковски вечерва одиграа маестрално, од почеток до крај го диктираа темпото, не давајќи му на Кожув никаква шанса за успех на овој натпревар.

По неполни четири минути игра гостите од Скопје стигнаа до првото двоцифрено водство (4-14), по што ја завршија почетната четвртина со 17-30. Кожув беше подобар само во вториот период што домашните кошаркари го добија со 29-23, за преостанатите 20 минути повторно да минат во знакот на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. Работнички имаше премногу „оружја“ за кои тимот од Гевгелија не можеше да најде одговор, а за разлика од последниот дуел во Гостивар овојпат „центарци“ не дозволија да дојде до пад во нивната концентрација, го контролираа резултатот до самиот крај и триумфираа со убедливи 11 поени разлика.

Кире Николовски беше прв стрелец на победничкиот тим со 22 поени, Балмазовиќ го заврши мечот со 18 поени, додека кај Кожув најзабележителни беа Максвел со 22 и Караџовски со 21 поен.

Се вчитува...