„Пехчево на точак“ повторно ја заживеа Малешевијата (ФОТОГАЛЕРИЈА)

И втора година по ред изминатиов викенд повеќе од успешна организација на „Пехчево на точак 2019“ во организација на хотел „Гогов“. Овој пат, покрај велосипедската тура, сето тоа збогатено и со оф-роуд џип тура и планинарска тура.

Со старт од плоштадот Св. Петар и Павле во Пехчево, планинарите одеа по патека до врвот Орловец на планината Буковик околу 18 километри, велосипедистите возеа по патека до бачилото, под врвот Кадица околу 28 километри, а џиповите тргнаа на друга страна, кон местото Равна река и возеа во близина на местото Ченгино кале во должина од 50 километри.

Како што информираат организаторите, на годинашното издание на „Пехчево на точак“ учествуваа 80 натпреварувачи во оф-роуд џип турата, повеќе од 60 велосипедисти на велосипедската трка и околу 40 планинари.

„Посебна чест за нас е што гостин беше и амбасадорот на Словачка кој ја возеше велосипедската тура и заменик амбасадорот кој беше со планинарите. Целокупната манифестација мина со прекрасни впечатоци на учесниците, во најдобар ред и исполнета цел – “да поттикнеме дружење, создавање нови пријателства, да ги истражиме и доживееме убавините на пехчевската природа и Малешевијата” – информираат организаторите од хотел „Гогов“.

Успешно реализираниот настан во попладневните часови беше одбележан и со забава пред кафе бар КИМ, коктел за учесниците и музика во живо.

Дел од спортскиот настан беше и словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш кој не го криеше воодушевувањето од гостопримливоста и високиот професионализам во хотел „Гогов“ кој нуди беспрекорен комфорт и уживање дополнето со одличната храна.

 

Се вчитува...