Перез не се откажува од Суперлигата, ги нападна УЕФА и зборуваше против ВАР

Во оваа сезона за последен пат се игра Лигата на шампионите во овој формат. Од идната година УЕФА воведува нов формат со четири дополнителни учесници, но и единствена табела за сите клубови.

Не се воодушевени сите од таквата идеја, а еден од најгласните противници е претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. Тој беше еден од креторите на т.н. Суперлига која никогаш не успеа, но најави дека и натаму не се откажува од неа.

„Суперлигата е најпотребна сега. Треба да го почитуваме финансискиот фер-плеј, треба транспарентни управувачки структури. Главна цел на Суперлигата е да ги зајакне европските натпреварувања, да биде компатибилна со националните првенства“, рече Перез.

Тој ја нападна УЕФА, чии челници не размислуваат како него во однос на Суперлигата.

„Нивниот нов модел ќе има повеќе натпревари а помалку интерес. Тоа е апсурд. Не земаат во обзир и барањата на навивачите, играчите или потребата на клубовите. УЕФА не знае да прави иновации. Не знае како ќе се носи со заканата од другите спортови кои константно растат, пред се американските. Видовме примери на многу корпорации кои се чинеше дека се непобедливи, а брзо завршија во стечај“, рече Перез.

Флорентино ја критикуваше и ВАР технологијата.

„Од клучна важност за доброто на шпанскиот фудбал е да се позанимава со работите како што е квалитетот на судењето и користење на ВАР. Никој не разбира кој ги повлекува линиите, зошто не ја гледаме целата слика на офсајдот. Тоа создава повеќе сомнежи. Верувам дека шпанската влада ќе преземе мерки за подобрување на телата за судење во оваа земја. Ова е итно“, вели Перез.

Се вчитува...