Победа бара ВАР-технологија во Првата лига, а нема ни клупски сајт, ниту терен каде да игра?!

Некои работи во македонскиот фудбал да не се смешни, навистина треба да бидат прифатени како трагични. Македонскиот прволигаш Победа, кој се жали дека загубил четири бода оваа пролет поради судиски грешки, апелира до ФФМ да се инсталира ВАР-технологија во Првата фудбалска лига на Македонија. Инаку, Победа е клуб, кој поради неможноста да обезбеди „нормален стадион“ за да игра во Прилеп, мора своите натпревари како домаќин да ги игра во Битола или во Турново. Клубот нема ниту сопствен клупски сајт, но затоа бара ВАР – технологија на натпреварите од Првата лига. Како ли би можел овој систем да се инсталира, на пример, на теренот на Могила?! Од единственото трибинче не може да се сними ниту тоа што се случува на другиот крај од теренот.

Соопштението на ФК Победа, го објавуваме во целост…

Фудбалскиот Клуб Победа АД од Прилеп со ова соопштение се обраќа до фудбалската јавност во земјава по повод настаните од почетокот на пролетната полусезона.

ФК Победа АД апелира до Фудбалската Федерација на Македонија доколку би имала средства да се заложи за имплементација на ВАР системот, со кој би се обезбедила поголема регуларност и анализа на спорните моменти но и заштита на сите фудбалски клубови од несакани или ненамерни судиски грешки.

Како клуб веруваме дека со воведувањето на оваа технолигија ќе се избегнат непријатните ситуации, за кои ние веруваме дека нема тенденција, но сепак нанесуваат штета на клубовите и спонзорите кои инвестираат во македонскиот фудбал.

ФК Победа АД како клуб во овие 3 кола од пролетниот дел на првенството е оштетена со 4 бодови. Во 19-тото коло на мечот со Пелистер со недосуден пенал, за кој судијата и Комесарот за делегирање се извинија, што ние како клуб го респектираме, но тоа не можеда ни ги врати загубените бодови. Во вчерашниот меч од 21-то коло со Шкупи во Битола признат е нерегуларен гол на гостинската екипа од офсајд позиција во 88-та минута. Тоа се вкупно 4 бодови со кои ФК Победа АД би бил во горниот дел на табелата, онаму каде според квалитетот на екипата веруваме дека и ни е местото.

Се надеваме и посакуваме дека еден ваков систем и технологија на мониторирање на натпреварите во нашиот фудбал ќе придонесе за минимизирање на неправилностите на задоволство на клубовите и ќе превенира неправди од кои тие трпат големи штети. Истовремено апелираме до делителите на правдата за нивна поголема совесност и одговорност при носењето на одлуките.

СО ПОЧИТ,
ФК ПОБЕДА АД

Се вчитува...