Победа е клуб со најголем број славни тренерски имиња во историјата: Марјановиќ, Часлав Божиновски, Дојчиновски, Канатларовски, Димовски…

Во богатата седумдесетгодишна историја на прилепска Победа, за жал последните десетина години мошне турболентна, на нејзината клупа седеа најпознати тренерски имиња од Македонија и поранешна Југославија. Ниту еден клуб во нашата држава, почнувајќи од најтрофејниот Вардар,  Пелистер, Работнички, Шкендија… не може да се пофали со звучни тренерски имиња како Победа. На нејзината клупа од 1950 година кога го смени името од „Гоце Делчев“ во Победа седеа дури 67 тренери. И тоа мошне познати за љубителите на фудбалот во  нашата држава.

Првиот тренер со новото име беше Кирил Крстески-Штркот, кого го наследи Александар Стојаноски. Прв  тренер, тогаш тоа не беше странство, туку од Србија, беше Никола Новаковиќ, потоа Милорад Илиќ-Бела, поранешен играч на БСК од Белград кој со својата работа  во градот на тутунот остави многу добар впечаток. Од Србија во тие времиња тренери во Победа беа и Јанко Звекановиќ, Живко Попадиќ, Ѓорѓе Качунковиќ, Василие Шијаковиќ, Радоица Радојчиќ, Илија Тојагиќ, Радослав Гвозденовиќ, Александар Петаковиќ, Михајло Самарџиќ, Војкан Деспотовиќ, тандемот Хуго Рушевљанин и Фрањо Пазмањ, Лазар Плачков, Момчило Мома Илиќ, Божидар Костиќ, Зоран Чолаковиќ, Мирослав Червенски, подоцна  Петар Павичевиќ , Небојша Петровиќ, Петар Курчубиќ, Слабољуб Бубоња и Слободан Крчмаревиќ…

Од Торино, во Прилеп

Најпознато  фудбалско и тренерско име не само во Победа, кој работел и во Македонија, беше еден од великаните на југословенскиот фудбал Благоја Моша Марјановиќ, кој во Прилеп  дојде 1960 година директно од Торино каде беше тренер на истоименуваниот клуб, еден од најдобрите во Италија. Да ги потсетиме помладите љубители на фудбалот кој беше Моша Марјановиќ. За репрезентацијата на Југославија, како играч на белградски БСК има одиграно 59  натпревари, постигнал 37 голови. Играл и на првото светско фудбалско првенство во Уругвај 1930 година. За БСК настапил на 556 мечеви, постигнувајќи дури 575 гола. На клупата на Победа седеше една година, но си замина поради нарушено здравје.

Благоје Моша Марјановиќ

Единствен тренер од Црна Гора кој ги тренираше фудбалерите на Победа  беше Никола Радовиќ, од тогашниот Титоград , миленикот на нејзините навивачи. Знаеше со своите постапки од клупата да ги „запали“ гледачите, го фрлаше палтото по секој постигнат гол. На трипати ја водеше Победа 1963, 1966 и 1968 година.

Тренер само на еден меч

Интересна е приказната за тренерот Србољуб Маркушевиќ, поранешниот фудбалер на Сараево. Во Прилеп допатува на 13 април 1978 година, потпиша договор, ја водеше Победа само на еден натпревар и по три дена си замина без никакво објаснување. Никој и ден денес не ја знае причината за неговата чудна постапка. Но остана запишан во аналите на клубот како тренер само за еден меч што е навистина куриозитет.

Доста познати имиња од Македонија беа на кормилото на Победа. Илија Игњатоски, кој подоцна беше и генерален секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија, потоа Стојан Богоевски-Гајда, прв тренер од Македонија кој работеше во странство, Наќо Тотовски од Кавадарци, еден од нашите најдобри тренери Часлав Божиновски, Златко Илиевски, Кирил Дојчиновски, Илија Димоски, Неџат Хусеин, Драган Христовски .

Селектори-тренери на Победа

Неколку поранешни селектори на репрезентациите на Македонија беа на кормилото на Победа. Почнувајќи од Мирсад Јонуз, Никола Илиевски-Џиџи, Драган Канатларовски,кој дури четирипати седеше на нејзината клупа, Зоран Смилевски и Бобан Бабунски.

На  крајот да не ги заборавиме и некогашните фудбалери на Победа кои како тренери беа на нејзината клупа во овие 70 години откако беше формирана. Дури и во оние тешки  денови кога беше исфрлена од Првата лига поради местенка на резултатот со Пјуник од Ерменија во европскиот куп и префрлена во Третата лига-југ. Тогаш мораше и да го смени името во Викторија, Победа јуниор и Победа АД. Тоа се Ристе Тренкоски, Борис Димкароски, Никола Цицоски, Методија Крстески, кој е рекордер со 6 тренерски епизоди, Кирил Анески, Томе Јакимоски, Живко Ѓорѓиоски, Бранко Петкоски, Круме  Митрически , Јове Магдески, Томе Георгиев, Николче Здравески, Горан Тодороски, Кирил Овезоски, Златко Петрески,  Зоран Штерјоски, Тони Мегленски, Дарко Крстески, Димитар Капинкоски,  Благојче Дамески, Филип Мирчески и Јане Николоски. Во таа плејада на тренери на Победа во овие изминати 73 години, можеби сме пропуштиле и некое име, но тука се читателите на ЕКИПА да не потсетат.

За потсетување на помладите читатели на ЕКИПА, Победа долго години играше во Втората лига на Југослаија, беше и на прагот 1964 година да влезе и во Првата лига, но во решавачкиот меч во  Сомбор  загуби од Раднички со 4:1. Играше и во Првата лига на Македонија,  последниве години е член на Втората лига со многу осцилации во играта и нерешени финансиски проблеми. Се тргна надолу од 2010 година кога беше префрлена  од страна на УЕФА  во понизок ранг, во Општинската лига на Прилеп поради местење на резултатот со Пјуник од Ерменија. Но сепак не играше во Општинската лига, туку директно во Третата лига-југ каде се ослободи едно место  поради откажување на една екипа.

М. Мицковиќ

Се вчитува...