ПИШУВА: Драган Томовски
Уште една колумна на еден од најистакнатите домашни фудбалски аналитичари, кој пренесувајќи ги актуелните глобални но и домашни фудбалски текови, овој пат со анализа на актуелностите од Светското првенство 2026.
==============================================================
По секој голем фудбалски настан се поставуваат безброј прашања. Зошто победи едниот, а загуби другиот? Дали пресуди тактиката, физичката подготовка, квалитетот на играчите, тренерот, судијата или среќата?
Одговорите се различни, но нема ниту дилема дека секој од овие фактори одиграл некаква улога.
Мојот одговор, овојпат неиспровоциран од никого, се состои само од еден збор: КОМПЛЕКСИ.
Не мислам на зборот во неговата секојдневна, навредлива смисла. Мислам на психолошки состојби кои со години, децении, а понекогаш и векови, го обликуваат начинот на кој една фудбалска средина размислува, реагира и победува.
Во текот на мојата работа сериозно сум се занимавал со сите сегменти на фудбалот – техника, тактика, физичка подготовка, организација на играта, создавање системи и модели на работа. Но, колку повеќе навлегував во суштината на играта, толку повеќе сфаќав дека постои еден сегмент кој најчесто останува во втор план, а кој во принцип се потврдува и се повторува во најголем дел од најважните натпревари.
Тоа е психологијата.
Нејзиното влијание врз процесите. Нејзиното учество во создавањето на победничкиот менталитет. И, конечно, победата како нејзин производ.
Актуелниот пораз на Бразил е уште една потврда за тоа.
Ако ги погледаме поголемите „жртви„ на оваа компонента на фудбалот ,можеме да констатираме:
Англија, колевката на фудбалот, долго ја немаше на светската сцена. Не затоа што немаше играчи, туку затоа што премногу долго веруваше дека фудбалот и понатаму се сведува само на „kick, run and jump“. Светот се менуваше, Англија верна на својата традиција, но и вродениот конзервативизам, остануваше иста. Дури кога го надмина тој начин на размислување и ги отвори вратите за нови идеи, нови тренери и нови континентални влијанија, повторно се враќа таму, каде што историски припаѓа.
Бразил е сосема поинаква приказна.
Имав среќа двапати подолго да престојувам во оваа земја. Првиот пат со Вардар, вториот како скаут на Херенвен, на Копа Сао Паоло де Жуниор – најголемиот младински турнир во светот.
Двата престои ми дадоа можност да го запознаам Бразил не како турист, туку одвнатре.
Таму сфатив дека фудбалот не е само најпопуларниот спорт. Тој е дел од секојдневниот живот, дел од воспитувањето, дел од националниот идентитет. Таму фудбалерите не се само врвни спортисти. За огромен дел од народот тие се идоли, симболи, понекогаш речиси и божества.
Кога со децении живееш во уверување дека си најдобар, сосема природно е тоа чувство да стане дел од колективната свест. Но токму тука започнува и опасноста.
Во моментот кога ќе се појави противник кој не ја прифаќа таа улога и ќе те победи, првата реакција е неверување. Не затоа што противникот бил подобар, туку затоа што победата на другиот не се вклопува во сликата што Бразил ја има за себе.
Затоа мислам дека денешниот Бразил, покрај сите свои неспорни квалитети, води и една внатрешна психолошка битка. Таа мора да го земе во предвид се она што во модерниот фудбалски развој се случува. Но не само во Бразил.
Африка е третата приказна.
Колку и да навивам за африканскиот фудбал, и колку и да гледам дека процесите се движат во вистинска насока, сè уште е видливо дека психолошките последици од долгата историја на потчинетост не можат да исчезнат преку ноќ.
Мароко покажа дека таа врата веќе е отворена.
Но, очигледно е дека раните не зараснуваат толку брзо, колку што ние би сакале. Менталните очигледно најтешко и најдолго. Би бил нереален ако кажам уште колку им треба на Африканците. Некогаш она блиску станува релативна работа. Зависи од секој поединец, но и цели народи, нивните устројства а пред се целосно извојувана слобода….
Затоа, кога денес многумина се чудат на резултатите од ова Светско првенство, јас не гледам сензации. Гледам процеси.
Гледам како, еден по еден, паѓаат комплексите.
А токму таму, според мене, започнуваат и завршуваат најголемите победи во фудбалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
