Полуфинале: Прва меч топка за МЗТ Скопје и Пелистер

МЗТ Скопје и Пелистер по триумфите во првите полуфинални натпревари денеска ќе имаат шанса со „брејк“ да го заверат своето место во финалето од разигрувањето за титула. Пелистер ќе ја имаа таа можност од 18 часот и 30 минути кога гостува во „Јасмин“, а аеродромци од 20 часот и 30 минути на „Кале“.

Битолчани првиот меч го отворија со одлична игра во нападот и одбраната каде добриот проток на топката носеше отворени обиди кои кошаркарите во „зелено-бело“ знаеја да ги искористат, го заштитија и рекетот па не се намачија да стигнат до победа. За разлика од нив Еуро Никел ќе мора да најде начин да ги искористи своите предности во играта во рекетот далеку подобро доколку сака да избори трет натпревар.

Супериорноста на Пелистер се отслика со доминација во рекетот (42-22) и скок играта (33-27), а овие сегменти беа поразителни за кавадарчани и покрај десетте погодени обиди за три поени.

Аеродромци до победа стигнаа со гранитна одбрана во второто полувреме во кое дозволија само 21 поен на ТФТ па и покрај тоа што не беа на врвот на реализацијата забележаа убедлива победа. МЗТ Скопје ја доби скок-играта (40-31), а со тоа стигна и до лесни поени од втора шанса (21-12) па овој рецепт на „сино-белите“ ќе се обидат да го повторат и денеска.

Процентот на реализација на МЗТ Скопје беше лош, но далеку полош беше оној на ТФТ. „Црно-белите“ шутираа со 37 отсто од поле, 16 отсто (3/18) за три поени па не успеаја да приредат ново изенадување. Денеска работите можат да бидат далеку поразлични па ќе биде интересно да го проследиме одговорот.

Се вчитува...